Јанкулоска: Кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, Македонија се справува и со најчувствителните случаи

Од:

Во интервју за Утрински Весник Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска зборува на повеќе актуелни теми.

Се чувствувате ли како баксуз што токму во Ваше време се случија настаните со убиството на Мартин Нешкоски, масакрот крај Смилковци, настаните од 24 декември, и сообраќајната несреќа на Никола Младенов? Како лично ги доживеавте тие работи?

Трите настани во кои згаснаа човечки животи, лично ги доживеав како големи трагедии. Но не би го употребила терминот „баксуз“ заради тоа што се случиле во мојот мандат. Не би го употребила ниту за настаните од 24 декември. Република Македонија секогаш се соочувала со случаи кои го тестирале капацитетот на институциите. Веќе помина одредена времена дистанца од сите случаи и може да ги анализираме подетално и без политизирање, иако имаше обиди да бидат исполитизирани, а кога се работи за човечки животи емоциите не може сосема да се стават на страна. Во врска со Мартин Нешкоски, виновникот беше откриен 48 часа после случајот. На истиот му беше изречена мерка притвор и во релативно брза постапка му беше изречена казна затвор во времетраење од 14 години.

Грозоморниот масакр кај Смилковското езеро беше можеби најголемата трагедија во независна Македонија. Тероризам од најстрашен вид. Бевме соочени со огромни притисоци и ризици по меѓуетничкиот соживот. Успеавме да ги надминеме сите предизвици и да ја спроведеме најобемната истрага од која би можеле да учат и многу поискусни, подобро опремени и постари служби од нашата. Истата најпрофесионално ја завршивме само еден месец по бруталното убиство на момчињата.

Поголемиот дел од осомничените се во притвор во земјава, а тие што успеаја да избегаат по масакрот се исто така зад решетки во Косово и тече постапката за екстрадиција. Во однос на несреќата на Младенов веќе се произнесе и судот и обвинителството. Се работи за голема трагедија, но од полициски аспект се’ е чисто и професионално сработено. Настаните од 24 декември се сосема различни по природа од претходните, но и за нив не би го употребила терминот „баксуз“. И таму на тест беа ставени институциите, дали ќе функционираат според прописите, процедурите и одлуките на мнозинството или надвор од сите демократски стандарди малцинството ќе спроведува политика која не добила поддршка на избори.

Покажувањето на волја за извлекувањето на заклучоци за нив беше добра можност за потврда на (не)одговорно однесување на општествените чинители во земјава.
Но, доколку се вратиме неколку години наназад во владеењето на СДСМ прашање е дали може да се каже дека институциите функционирале за десетици случаи. Како заврши атентатот на претседателот Глигоров и погибијата на претседателот Трајковски? Дали имавме исход за убиството на Диме Ицковски – Поштар? Како заврши случајот со удавеното ромче во водите на Вардар?

Најверојатно малкумина се сеќаваат затоа што Сорос или невладините организации блиски до СДСМ тоа и не го гледаа како проблем или причина за протести. Сепак од сегашнава дистанца може да се заклучи дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја има одговорноста за функционирањето на институциите, Република Македонија во многу наврати покажа дека има волја и капацитет да се справи и со најчувствителните случаи. Сега законот важи подеднакво за секого и на целата територија. Затоа за разлика од моите претходници кои ваквите настани ги гледале како „баксуз“ кој ја ремети нивната релаксираност принудувајќи ги да најдат начин како да го покријат и побргу да се вратат на релаксирано практикување на власта, јас ги гледам како реални проблеми за кои мора да се најде решение.

Целото интервју можете да го прочитате на следниот линк.