Јаневска: Приватни универзитети „штанцале“ дипломи години наназад

Од:

Има приватни универзитети кои постојат како трговски претпријатија, „штанцале“ дипломи години наназад и Владата им се спротивстави, но има и приватни универзитети кои навистина добро работат. Не сум против отворање приватни школи, универзитети и слично, но секој мора да го почитува законот и уште поважно, тие да не се отвораат исклучиво за бизнис цели, туку со мисија навистина да помогнат во подобрување на квалитетот на образованието во државата и да градат добро подготвени млади генерации, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на панел дискусијата во рамки на 14. Самит на Македонија 2025.

Како што подвлече Јаневска, наместо кон квантитет, мора да се ориентираме кон квалитет.

Министерката оцени и дека реформите во образованието со дисперзираните студии не го дадoa очекуваниот резултат. Се продуцираа кадри со недоволно висок квалитет, а дел од нив се вработените во државните институции.

Јаневска се осврна и на платите на наставниот кадар, потсетувајќи дека во два наврата за 10 месеци се зголемени за вкупно над 12 отсто, додека согласно договорот со СОНК во текот на владиниот мандат ќе се зголемат до 60 проценти зависно од степенот на инфлација.

Во врска со квалитетот во високото образование и науката, рече дека преку контроли на Министерството и на Државниот просветен инспекторат биле затекнати фрапантни ситуации поради кои 13 приватни научни институти се затворени, бидејќи во најголем дел не работеле по закон.

-Образовниот систем создава кадар каков што му е потребен на македонското стопанство, на индустријата, економијата, трговијата, па и администрацијата. Но, проблемот е друг, демографски. Лошите политики во изминатите години го намалија бројот на населението. За седум години, бројот на ученици е намален за 17 000. Имаме 7 000 студенти помалку. Не може да се пополнат сите новосоздадени места или постојните испразнети. Владата се труди да го спречи трендот на иселување и да го стимулира наталитетот со квалитетни политики и мерки, истакна министерката на панелот „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“, одговарајќи на прашање дали образовниот систем продуцира кадар со потребни вештини и дали бизнис заедницата е доволно вклучена во образованието на младите.

Според неа, особено радува тоа што се повеќе се зголемува општествената одговорност кај компаниите и тие сфаќаат дека се важна алка во образовниот систем, како дека без нив, без нивно учество во едуцирањето на младите, државата не би можела да создаде работна сила каква што очекуваат.

-Успешен пример на соработка е дуалното образование. Над 550 компании примаат деца на практична обука и нудат можност за нивно вработување по стекнувањето на дипломата, се разбира доколку ученикот не изрази желба за понатамошна академска надградба, нагласи Јаневска, потенцирајќи дека соработката меѓу образовните установи и компаниите е помалку изразена во високото образование и постои потенцијал за воспоставување нови релации.

Говорејќи за приоритетите на Владата кога е во прашање образованието, Јаневска рече дека три клучни столбови го детерминираат квалитетот на наставата: наставни програми и учебници, мотивиран наставен кадар и инфраструктура.

-Се трудиме постојано да ги зајакнуваме сите три столба. Заедно со Бирото за развој на образование изготвуваме нови наставни програми, со унапредена содржина која ги има интегрирано глобалните образовни трендови, нови достигнувања, факти и слично. Врз основа на тие наставни програми се изработуваат и нови учебници, без грешки и небулози кои ги имаше во минатото. По некои предмети воопшто немало учебници и децата немале од што да учат. На пример по цели шест години од септември ќе имаме учебници за странски јазици, напомена министерката.

Таа нагласи дека се воведуваат можности за кариерен развој и напредување во звања, како и за професионален развој преку повеќе обуки на различни теми. Платите во високото образование од јануари 2025 се зголемени за 14 отсто на професорите и за 8 проценти на административниот кадар.

-Третиот столб е инфраструктурата. Ќе споделам дека само во моментов имаме активни 30-тина инвестиции во вкупна вредност од 32 милиона евра. Градиме седум нови училишни објекти, 20-тина реконструираме, градиме четири спортски сали, реконструираме два студентски дома. Училиштата ги опремуваме со нови клупи, столчиња, нова ИТ технологија, интернет онаму каде за жал недостасувал досега, додаде министерката.

На панелот таа подвлече и дека Владата се труди да ги следи глобалните образовни трендови, повеќе да ги насочи младите кон етичка примена на вештачката интелигенција, кон развој на дигитални вештини, медиумска писменост, избор на СТЕМ области,…