Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, му се јавува на градоначалник за да организира професорот по физичко образование, Ѓорѓи Димитров, од школо во југоисточна Македонија, да не оди на работа за да врши партиски активности. Ова се слушаше за време на слушањето на бомбите во судница за случајот „Титаник“.
„Да му забраниш на професорот по физичко да оди работа. Речи му Валандово да не го гледаш до изборите. Треба да оди од врата на врата“, му вели Јанакиески на соговорникот. На тоа соговорникот се согласува и вели дека ќе ја среди работата.
За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
Васко Маглешов