Јакупи: ДИК го менува роковникот согласно измените на Изборниот законик

Од:

Државната изборна комисија (ДИК) работи на измени и дополнување на роковникот за претстојните локални избори на 24 март откако Собранието вчера ги усвои измените и дополнувањата на Изборниот законик со што се продолжува рокот за доставување кандидатски листи за советници и градоначалници до 3 март.

– Го следевме донесувањето на измените и дополнувањето на Изборниот законик што стапија во сила веднаш. ДИК веднаш денеска ќе реагира со измени и дополнувања на роковникот и ќе ги имплементира овие измени, изјави потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи за МИА.

Појасни дека во делот на роковникот каде што стоеше датумот 16 февруари како конечен за доставување листи за советници и за градоначалници сега ќе треба да стои 3 март на полноќ.
И другите постапки кои исто така се утврдени со роковникот ќе претрпат измени и дополнувања.
Во однос на жребувањето што веќе беше спроведено за кандидатите за локалните избори што се пријавија до 16 февруари, Јакупи вели дека нивните редни броеви остануваат исти и оти листата само ќе се дополни.

– Сите дејствија што се преземени досега не можат да се изменат и жребувањето исто така. Жрепка ќе се прави само за тие кандидати кои дополнително ќе се пријават до 3 март на полноќ, рече Јакупи.

Новопријавените кандидати за советници и градоначалници ќе мора да минат и низ лустрацискиот филтер, односно тие ќе треба да бидат проверени од страна на Комисијата за верификација на факти дали биле соработници со тајните служби.

Почетокот на кампањата речиси се совпаѓа со новиот рок за доставување на листите, но според Јакупи тоа нема да има големо значење. Поклопувањето со роковите ќе биде само 24 часа и тоа додека не се потврдат листите, но оти кандидатите кои ќе се пријават ќе може веднаш да стартуваат со изборна кампања.

ДИК, според потпретседателот, се придржува до сите рокови во однос на претстојните локални избори закажани за 24 март.

– Сега сме во фаза на правење јавни набавки за печатење на гласачките ливчиња, потоа на оператор кој што ќе врши обука на гласачите преку печатените и електронските медиуми, вршиме обука на општинските изборни комисии која завршува на 1 март, по што тие ќе ја почнат обуката на избирачките одбори. Исто така се испечатени и прирачниците на сите јазици пропишани во Изборниот законик кои ќе се користат за време на обуката на избирачките одбори, изјави Јакупи.