Јакимовски: Сите кои поддржувате промена на Уставот, одговорете им на граѓаните дали Македонците се нација од 1944 година?

Од:

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски по денешната средба со граѓани во Гостивар разговараше за проблемот со исечлување на младите од државата како и за најавите од некои кандидати за претседател за промена на Уставот со одложено дејство.

Далеку од тоа дека ние не сме за интегративни процеси, напротив ги поддржуваме, но во исто време ние сакаме нормален развој, како секоја нормална држава и ние сакаме респект кон Република Македонија и кон нејзините граѓани, како што тоа доликува на секој народ.
Не може на македонските граѓани сѐ да им се наоѓаат нови и нови причини и нови и нови пречки за да се опструира нашиот влез во Европската унија.

Можете да замислите, денеска, еден од противкандидатите од Крушево, од слободарско Крушево ни порача дека тој ќе гласа за промена на Уставот во рок од 200 дена. Но повторно, што би рекле Црногорците, „не пада снијег да покрије бријег, веч да звјери оставе траг“.

Значи сега се виде дека господинот Максим Димитриевски си е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и јас не случајно претходно реков кога господинот Мицкоски велеше дека опозиција на опозицијата сме биле јас и госпоѓата Ванковска, а што останува со тој третиот кандидат? Еве каде се криел зајакот.

Јас само сакам да го прашам и господинот Димитриевски и сите кои предлагаат промена на Уставот за влез на Бугарите во Уставот, но со одложено дејствување. Кажете им на граѓаните, дали Македонците се нација од 1944 година, дали македонскиот јазик е нарчеје на бугарскиот јазик и дали Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски дејци, Димо Хаџи Димов и така натаму, се македонски дејци или се Бугари по род како што тоа го тврди бугарската историографија?

Немој да го замајувате народот дека да го посматраме ова прашање само одвоено, односно да разговараме, не боли многу, само Бугарите да влезат во Уставот, а всушност се крие целата стапица кадешто имаме комплетно рекомпонирање на нашиот идентитет, на нашиот јазик и на нашата историографија и тука доаѓа онаа главната лага. „Добро, ние сме наречје на бугарскиот јазик како што некои милуваат да кажат, но еве сега сме признати во Европа и сме го заштитиле македонскиот јазик“

Јас само сакам да прашам, дали пред да го зборуваме овој јазик лаевме како кучиња или имавме свој јазик?

Зошто не им одговорите на граѓаните за ова прашање, дали Македонците зборувале на овој јазик или имале некој трет јазик и зошто ги злоупотребувате овие изборни кампањи со вашите реклами за да го залудите народот и за да полесно им ја проддете вашата лага.

Ете, затоа сме ние кандидати на овие избори, кандидати на граѓаните, а не продолжена рака на партиите, за да сите ваши, односно сите нивни лаги ги извлекуваме на чистина и да им кажуваме на граѓаните што е што, а тие самите треба да одлучат за кого ќе го дадат гласот на 24 април, рече Јакимовски.

-Децата ни се иселија, останавме без деца. Кој кажува едно дете, кој кажува две деца, децата му заминале во странство. Епа сега почитувани пријатели, овие сите акробатики што ги правиме во изминатиот временски период, во сите овие триесетина години, не доведоа до таму да сопствените деца ни бегаат од сопствената држава и од сопствените политики.

Дали мислите дека и натаму треба да продолжиме со вакви политики и дали мислите дека не треба да го поткренеме ентузијазмот и респектот, како и гордоста на македонските граѓани?

Македонските граѓани, македонските деца се иселуваат зошто не можат повеќе да гледаат како нивните званичници, како нивните раководители, функционери кои ги плаќаат со нивните плати ја виткаат кичмата, се однесуваат крајно полтронски, не водејќи сметка за интересите на граѓаните на Република Македонија, водејќи сметка само за интересите на држави и на влади кои се надвор од Република Македонија, рече Јакимовски.