Специјалист невролог во поликлиниката Бит пазар немало од почетокот на годинава, а докторот Мирослав Гроздановски кој работеше во поликлиниката Букурешт беше трансфериран 24 часа откако ја фотографираше грешната табла за дерматовенерологија. Сега, тој е и невработен бидејќи е избркан од Здравствен дом-Скопје, откако три дена не се појавил на работа на новото работно место, за кое решение не го ни потпишал. Директорот Виктор Исјановски за „А1он“ потврдува дека со отказот за Гроздановски, Бит пазар останува без специјалист невролог.
„Докторот самоиницијативно решил дека нема да дојде во поликлиниката во која е распореден и институцијата мораше да постапи согласно законските обврски односно по член 82 точка 1 од Законот за работни односи и член 205 од Закон за здравствена заштита каде е наведено дека ако работникот неоправдано изостане три последователни работни дена работодавачот го откажува договорот за вработување. Сепак, претходно пред да се постапи по Законот за работни односи со д-р Гроздановски разговараше раководителот на Службата по неврологија, и двајцата директори на Домот и во сите разговори докторот јасно се изјасни дека доколку не е со работно место во поликлиника Букурешт, тој во ниедна поликлиника во домот нема да продолжи со работни обврски. Раскинувањето на договорот за вработување не е мерка ,ниту казна како што тој наведува, туку е постапено по законски обврски, односно повторно ќе објаснам дека распоредувањето во друга поликлиника е само поради потреба од тој вид специјалистички услуги во тој регион“, вели Исјановски за „А1он“.
Докторот Гроздановски кој го доби отказот, обвинува за мобинг. Тој кажа дека Исјановски е недостоен да биде медицински менаџер на толку голема здравствена институција, по што изрази жалење за разделбата со поликлиниката Букурешт и колегите на три години пред пензионирање.
„Успеа да ме натера под пресија од мобингот кој го вршеше врз мене, да дадам отказ, односно да добијам отказ поради принципиелното несогласување со неговата импулсивна одлука да ми даде решение за прераспределба во друг објект од Здравствениот дом, решение кое не го потпишав а ми беше доставено веќе утредента после јавно објавената сторија за поставената табла. Без никакво образложение, без да ме повика на разговор како секој нормален менаџер и интелектуалец, без да образложи јавно дури и на менаџерскиот тим. Некој ќе рече дека е тоа во ред и дека е во негова ингеренција, но фактот дека одлуката е донесена промптно и импулсивно, фактот дека немаше никаков разговор, фактот дека со мене работи колешка која е дваесетина години помлада од мене и во досегашни принципиелни практики секогаш помладите колеги ускокнувале таму каде има потреба, а колегите кои се пред пензија практицираат таму каде што се веќе затекнати, фактот дека таа колешка веќе после неколку дена ја наградува со солиден месечен паричен надомест со поставување на позиција раководител на ревролозите во ЗД Скопје иако е убедливо најмлада и со најмало искуство од сите нас во таа специјалност. Раководител исто немавме 7–8 месеца наназад, – а тоа јасно говори дека се работи за класичен мобинг врз колега“, пишува во дел од објавата докторот Гроздановски.