Иванов замина, мачката од кабинетот остана

Од:

Големо внимание на денешната инаугурација на новиот претседател Стево Пендаровски предизвика мачката која се протнуваше низ нозете на високите државни претставници кои дојдоа да го проследат примопредавањето на функцијата. Секој обид да се тргне мачката од теренот на претседателската Вила на Водно беше безуспешен – таа легнуваше на земја и се обидуваше да се гали со присутните.

Како што се движеа новинарските екипи, така се движеше и мачката. Од терасата на Вилата на Водно се симна пред влезот и будно следеше што се случува, како да е дел од претседателскиот протокол.

Од претседателскиот кабинет ни објаснија дека станува збор за улична мачка која живее во дворот на претседателската вила повеќе од една година, а вработените се грижат за неа.

„Дојде кога беше малечка и остана овде. Не знаеме од каде и како се појави, но почнавме да ја храниме и чуваме сите. Многу е мила и обожава да се гали. Дури и кога не работи кујната, дел од вработените во кабинетот ѝ носат храна“, ни изјавија вработените во кабинетот на досегашниот претседател Ѓорге Иванов, кој денеска ја напушти Вилата на Водно, а во неа влезе новиот претседател Стево Пендаровски.

Претседателите се сменија, но мачката – член на претседателскиот кабинет остана, дури и откако си заминаа сите гости. Редакцијата на „А1он“ се надева дека стариот жител од Вилата на Водно и со новиот претседател ќе остане во својот дом.

Фотографија: Арбнора Мемети