Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов изразува задоволство што власта и опозицијата уште еднаш покажаа посветеност и доблест да седнат на заедничка маса, како и волја за дијалог и за изнаоѓање заедничко решение за расветлување на настаните пред и на 24 декември 2012 година.
Претседателот Иванов, стои во денешното соопштение од неговиот Кабинет, очекува од сите инволвирани страни, до крај, да бидат конструктивни и одговорни и да ги исполнат преземените обврски, со цел Комисијата во најбрзо време успешно да ја заврши работата и да биде усвоен извештајот, кој ќе даде соодветен одговор и препораки.
– Настаните пред и на 24 декември, во и надвор од Собранието, мора да бидат разјаснети, и вакви настани и сценарија повеќе не смеат да се повторуваат. Пред се, затоа што интересите на државата во ниту еден случај не смеат да бидат жртва на тесно-партиските интереси и дневната политика, особено не на интересите на поединци и затоа што тоа го заслужуваат и го очекуваат граѓаните на Република Македонија од сите нас. Конечно, затоа што е потребно да се дадат сите домашни аргументи во полза на европската интеграција на Република Македонија, оценува претседателот Иванов.
Тој уште еднаш порачува дека обврска на сите политички партии е оваа ситуација да биде надмината, да бидат усвоени и спроведени препораките на Комисијата и политичкиот дијалог да се одвива во рамки на државните институции.