Меѓународната организација за миграции (ИОМ) му донираше на Министерството за внатрешни работи 10 рачни термални камери за набљудување и еден сет алат неопходен за одржување на опремата во вредност од 84.529 евра. Договорот за донација денеска го потпишаа државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска и шефот на канцеларијата на ИОМ, Скопје Соња Божиновска-Петрушевска.
Како што соопшти МВР, донацијата е во рамки на проектот на ИОМ „Специјална мерка за поддршка на Република Македонија да раководи со јужната граница во контекст на европската миграциска криза“, финансиран од Европската унија, претставувана од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.
„Потпишувањето помина во пријателска атмосфера, при што државниот секретар Несторовска и шефот на канцеларија на ИОМ во Скопје Божиновска-Петрушевска го изразија своето задоволство од интензивната досегашна соработка особено во справувањето со миграциската криза. На средбата, исто така, беа потенцирани и можностите за идна соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и ИОМ на повеќе полиња, а особено давањето на заемна поддршка во борбата против трговија со луѓе и миграциската криза, како прашања кои во моментот можат да имаат негативни реперкусии кон Република Македонија“, соопшти МВР.