Во Охрид изминативе два дена се одржа дводневна работилница насловена како „Вмрежување на општините, бизнис заедницата и невладините организации“ во рамки на проектот Солве ит-школа за социјално претприемништво имплементирана од организацијата Младиинфо Интернационал.
На средбата на која присуствуваа претставници на општините Чаир и Центар, како и на бизнис компании и невладни организации од истоимените општини, се заклучи дека овие институции во иднина треба да се трудат да наоѓаат можности за соработка особено во делот на социјалното претприемништво, како еден нов вид на претприемништво кое е актуелно во минатите години на глобално ниво.
Меѓу другото на средбата произлезе иницијатива која ќе биде споделена со останатите општини и невладини организации на територија на Град Скопје и пошироко, во која се бара од кандидидатите на претстојните локални избори во своите програми да прецизираат повеќе активности, проекти и иницијативи за поддршка на социјалното претприемништво. Особено, бидејќи оваа област претставува можност за заеднича соработка на споменатите три сектори ( општините, невладините организации и бизнис заедницата) и дава основа за креирање на повеќе работни места и одржливи бизниси на локално ниво.
На овој начин со создавање на посебни програми и фондови како и со инволвираност на локалната власт, бизнис заедницата и невладиниот сектор, може многу да се влијае на подобрување на економската и бизнис климата во самите општини.