Поглед од Канбера за името: Има само една вистина

Од:

„Има само една вистина, има една Македонија“, е една од многуте песни со кои се поттикнуваат патриотските чувства кај многумина од нас, и која се слуша подеднакво и во Македонија и во дијаспората, со тоа што во втората превладува и една доза на носталгичност. Но дали на оваа национал романтичарска песна која се создаде пред десетина години веќе не и време да постане дел од нашето културно наследство, како дел од антологијата на Македонската народна песна во кои влегуваат и песните за Крале Марко, Кралот Александар и многу други.

„Патриотизмот“ и дијаспората

Зовриени и жустри дискусии меѓу неистомисленици во државата (и во Дијаспората) веќе сериозно ги антагонизираа врските помеѓу родниите и пријателите од поодамна, за денеска да доживее зенит со потпишувањето на договорот за името, и добивањето на условната препорака за Европската Унија.

Се оди дури и дотаму што „големите патриоти“ кои што доаѓаат од дијаспората „за да бидат со народот“ и за да изразат поддршка или некако да го убедат со беседи како „влегувањето во НАТО и ЕУ не смее да се дозволи“ затоа што „не е се така лесно на Запад“ и затоа што „на почетокот сите чистеле улици“. Сето ова во атмосфера во која „патриотизмот“ се сведува на манипулација со исторски факти во кои се тенки и недефинирани врските со денешната модерна држава. Навредите и омаловажувањата во стилот на ‘предавници и ништожници кои треба да се ликвидираат’ кон сите оние кои размислуваат поинаку се неизбежниот декор на некои од демонстрациите, како во државата така и во дијаспората, во еден емотивен набој во кој патриотизмот е пропорционален на црвено жолтиот декор и транспарентите,. Овие „епитети“ патем речено со сигурност можат да се класифицираат како класичен пример на говор на омраза и се казниви во државите во кои што живеат.

За изненадување и неверување е хипокризијата и себичноста на еден дел од дијаспората која толку ревносно се спротивставува на овие процеси, а од друга страна тие, (и нивните семејства) живеат во држави со големи демократски капацитети, во средени општествени системи (правни, социјални, здравствени, судски, административни итн), а толку ревносно се спротивставуваат да се примени во земјата од која што се дојдени и која толку многу ја сакаат. Заради тоа, на дијаспората и се накалемуваат и многубројните коментари како „патриоти за еден долар“ или „дојдете тука ако сакате да ја браните“ и многу други најчесто погрдни, и покрај тоа што дијаспората е сериозен инвеститор и придонесува во буџетот на дрижавата било со назнаки за поддршка на семејствата и пријателите, било како туристи.

Името и домородноста:

Паролите како оние во ќе сме го „изгубеле исконската држава, име и јазик“ (патем речено напишани на Англиски јазик) поттикнуваат едно прашање кој секој од нас си го поставува во овие моменти: За кое име толку се поделивме и закрвивме? Колку далеку можеме да копаме по историјата да ги најдеме нашите предци, и корења, за да ја докажеме нашата „домородност“?

Дали е таа поврзана со времето на Александар, Римските освојувачи, Византиското царство? Или пак онаа за времето кога словенските племиња го освојувале Балканот и го ширеле Христијанството со нивните емисари Кирил и Методиј, чии дела се чествуваат во повеќе балкански земји. Сепак малку се нејасни и магловити видувањата и беседите на моите сонародници од дијаспората за поврзаноста на „александровото оро“ со словенските просветители.???

Или пак домородноста е поврзана со времето на Отоманската Империја? За да дојдеме до онаа ‘болната’ Букурешката’од 1913? Па понатаму да ја додадеме онаа „Вардарска Бановина“ па онаа Федеративна Република Македонија како дел од Југославија. И најпосле до нашата Република Македонија кога стана независна, но за несреќа, со едно многу погрдно и привремено име „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Но дали „домородноста“ може да се побара и во придавката Северна, што дојде како резултат на спор кој трае повеќе децении, а што впрочем и географски е коректна? Народот во Македонија на референдумот за промена на името треба да реши дали сака да влезе во иднината која евентуално ќе им овозможи да бидат еден интегрален дел од големото Европско семејство, да се отворат вратите за инвестиции и просперитет за сите оние кои сеуште останаа и сакаат да продолжат да живеат во државата но сепак во многу попристојни услови и опкружувања. Од друга страна пак останатите, кои се противат на овој процес, мора исто така да се прашаат дали имаат некоја друга алтернатива за подобар живот, но да бидат и реални и да се прашаат дали може да се диктираат условите за било какви преговори и договори со меѓународната заедница, што може да се понуди и какви условувачки капацитети се има и како држава и како нација?

Договори, преговори и чистење

Договорот со Грција и условената препорака за ЕУ ги изнесе на површина сите нечистотии таложени со децении во државата, но вешто маскирани, рециклирани во разни облици на криминал, корупција, измислена историја и хипокризија. Давањето условна препорака за влез во ЕУ пак е одлична рефлексија на реалната состојба во државата, кои многу прецизно ги дефинираа прагматичните Европејци. Глумењето демократија, реформи и почитување на човековите права никаде не може да се толерира освен во театар како платени глумци. Останатите мораат сами да си ја купат картата, но мора да го почитуваат редот и мирот и да бидат тивки.

Процесот на „чистење“ на државата од лошите навики ќе биде долг и можеби на периоди и мачен, но неизбежен, не само заради тоа што е услов за прием во големото Европско семејство, туку заради нас самите, за да се направи една солидна подлога за една функционална држава во која граѓаните ќе имаат доверба во државата и системот. Тоа е исто така многу важно и за дијаспората која од ден на ден станува се помногубројна.

Писмоносецот:

Иако Премиерот Заев покажа извонредна храброст да се справи со едно големо зло, се надевам ќе биде и доволно мудар да не влезе во мрежата на конформизмот, улизништвото, полтронизмот, користољубивоста и парољупството.(се надевам ова е само моја перцепција) . Епитетите како „најубав“, „најумен“ и „најхрабар“ се првите индиции кои полека но сигурно ги уништиле и најхрабрите водачи и се катализатор во секој неуспех и евентуален крах. Критиките кои еднакво доаѓаат и од пријателите и непријателите, би требло да се анализираат со голема доза на сериозност и посветеност но и претпазливост.

На пример, конкретната критика би била за тимот кој работи на договорот. За да биде разбирлив и да ги амортизира негативните критики на кои се „налепија“ и многу неутрални, мора да се симплифицира, со еден збор да се „спушти на земја“ , да се објасни во детали, да се интерпретира секој дел, а секоја клаузула што би можела да се толкува двосмислено, или пак е нејасна да се бара стручно мислење и повторно да се симплифицира. Да се објасни детално што се добива а што се губи, и да се биде отворен и транспарентен за сите прашања, макар тие биле и непријатни и болни. А во договорот има работи кои не се јасни, работи кои изгледа како да сме ги изгубиле, но има и многу работи со кои добиваме. Многу често опонентите на договорот ги нагласуваат фактите како што е „колку губиме“ како катастрофални. Многу малку се потенцира и анализира што фактички добиваме со договорот. Во секои преговори и договори, (а договорот со Грција не е исклучок), нема 100% добивка. Се губи нешто, а се добива нешто малку повеќе. А тоа „малку повеќе“ е нешто за што секоја страна го прифатила договорот како компромис.

Процесот на објаснување на договорот исто така треба да се прошири и во дијаспората, преку амбасадите и конзуларните представништва, затоа што договорт или се чита со пристрасност, или не се чита како во потполност, а не ретко се шират и лажни вести со крајно негативни и навредувачки содржини и интерпретации. Ова пак од друга страна во најмала рака е катализатор на незадоволствата, стравовите и фобиите за „губење на државата и идентитетот“, а не ретко предизвикуваат и револт, па дури и милитаризам кај еден дел од дијаспората.

Има само една вистина

Јас сум сигурна ќе го доживеам денот кога песната „Има само една вистина, има една Македонија“ ќе стане дел од антологијата на Македонската народна песна како културно наследство, а новите акорди ќе се вклопат во една „нова вистина“ за Македонија, Европска, просперитетна, ослободена од криминалот и корупцијата, која младите ќе ја гледаат како земја во која ќе можат пристојно да живеат и во која институциите на системот ќе функционираат. Македонија, каде што личните капацитети, способности, стручност и афинитети ќе бидат единствен параметар за вработувањата кои се базирани на сериозен мериторен процес наместо членството во партија.

Моето семејство и голем дел од моите пријатели Македонци веќе најавија интерес за Македонскиот пасоши, но за Македонија како дел од големото европското семејство и Македонија во која ќе функционираат институциите на системот на барем приближен степен со оние на кои тие се навикнати во земјите во кои живеат.

Снежана Димитровска
Канбера