Пред извесно време претстојував во Италија, поточно на Сицилија, место каде што во минатиот век се рашири вид на насилство познат како „мафија“, или „Коза нострa“. Насилство опишано во делата на Марио Пузо, пренесено на големиот екран од Бернардо Бертолучи и прекрасната музика на Енрико Мориконе. Додека престојував таму, сакав да впијам од атмосферата на тоа мистично место, од генезата на насилството. Но, останав разочаран: освен убавините на островот и прекрасните мештани, немаше ништо, ниту трага од насилниот мит. Па си реков, најверојатно приказната за мафијата била и завршила таму, на Сицилија.
Но затоа кога се вратив во мојата чудесна земја Македонија, ме дочека бран на насилство. Политичко насилство, предизвикано од поединци во политичките елити, обвинети, осомничени за криминал, корупција… Елитите обвинети, ние граѓаните разединети, тие биле виновни, а оние не и обратно… Епилог нема. Моите чувства беа поделени дали мојата генерација направи доволно да го спречи или намали насилството. Јас мислам, но изгледа недоволно.
А епилог нема веќе предолго време. Јас, како поранешен припадник на безбедносните сили, не можам, а да не се запрашам: кои се креаторите на сето ова, кое дури ни големиот Алфред Хичкок немаше да може да го изрежира.
Ќе има ли некогаш одговорност од политичките елити? Ќе престанат ли амнестиите, аболициите на терористи, убијци, криминалци, кога со секој таков гест само уште повеќе го поттикнуваме насилството? Ослободувањето на виновниците од одговорност е на штета на граѓаните.
И, конечно, дали делителите на правдата ќе почнат да го реализираат она за што се назначени? Ќе го спроведуваат владеењето на правото, или ќе си тераат по онаа, старата, „Во правото 2 + 2 се секогаш 4, освен ако не се нареди поинаку“. Дали некогаш ќе се одважат нашите судии и обвинители, како што тоа го сторија хероите на италијанското правосудство, Џовани Фалконе и Паоло Борселино или, пак, ќе тропкаат со скапиот накит во удобните фотелји, а насилството се повеќе и повеќе ќе зема замав?
А за тоа дали има вистина дека сите политички елити во земјава, на еден или друг начин, користат услуги на криминални структури, како што честопати досега тврделе медиумите, вистината ќе излезе на виделина и штетите по мирот и безбедноста ќе бидат огромни.
Последниот случај, убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, ја прелеа чашата. Медиумите повторно јавија: извршители на убиството се луѓе блиски до политичките елити. А за што јас пишував на почетокот на текстот? За „мафија“? Не, не, тоа е некаде далеку, па дури ни таму, а не во мојата чудесна земја Македонија. Или пак нашата полиција, исполитизирана и од „едните“ и од „другите“. Вистинските професионалци се исфрлени на маргините, затоа што се „ничии“, а одговорно си ја вршат работата. Но не одат по митинзи и не одат по штабови.
Мора на полицијата да и се врати достоинството! За да се врати довербата кај граѓаните! Политичкитре елити мора да сватат дека мирот, правото и безбедноста мора да бидат основни столбови на секое модерно општество. Секако, ако искрено се залагаат за создавање на демократско општество.
Политичките елити мора да овозможат полицијата во вистинска смисла да биде сервис на граѓаните, а не услужен сервис за интересите на неколкумина поединци.
На крај мојата порака до одговорните е дека мора да се инвестира во безбедноста а повеќе во превенцијата да не се случуваат несакани последици да ги броиме жртвите и штетите од насилствата.
Славе Витанов
Поранешен Командир
Главен Генерален Инспектор
Началник во МВР
