Разговорите на работните групи на четирите политички партии за изборниот законик и сите детали поврзани со изборите ќе продолжат наредниот период, а паралелно ќе отпочнат разговори за специјалниот јавен обвините, кому ќе му биде доделена оваа функција и какви ќе бидат надлежностите. Денеска попладне треба да се одржи првата средба на работните групи на оваа тема, а СДСМ ќе ја претставуваат професорката од Правен факултет, Рената Десковска и генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.
Од партиите одбиваат да кажат како течат разговорите за изборниот процес. Велат дека се уште ништо не е договорено и согласни се содржината од разговорите да ја држат во тајност. Работните групи имаат уште дваесетина дена да постигнат договор за овие прашања, затоа што ќе паузираат со средбите првите десет дена од август, а до крајот на месецот мора да испорачаат решенија.
Познато е дека изминативе денови се водеа дискусии за избирачкиот список, составот на Државната изборна комисија и за гласањето на дијаспората. Албанските партии сметаат дека треба да се укине можноста на иселениците да гласаат, додека од СДСМ велат дека треба да се одреди цензус при изборот.
-Бараме да се уважат препораките на ОБСЕ и ОДИХР за гласањето на дијаспората, односно да има пропорционалност. Да не се дозволи како до сега пратеник да се избира со само 300 гласа – велат од најголемата опозициска партија.
Единствено од ВМРО-ДПМНЕ се залагаат да нема промена во овој дел од избирачкиот модел. Оваа партија, инаку, на последните парламентарни избори ги освојуваше пратеничките места од сите три избирачки единици во дијаспората.
Кај граѓанската и експертската јавност преовладува мислењето дека гласањето на дијаспората треба да се укине или да се одложи. Според граѓанската асоцијација „МОСТ“ која редовно ги следи изборите со најголем број домашни набљудувачи, во фаза на недоверба во изборниот систем гласањето на дијаспората треба да се одложи се додека не се изнајде подобар модел.
-Нашиот став е привремено да се суспендира гласањето на дијспората, а потоа да се отвори дебата како тоа може да се подобри – изјави Дарко Алексов од МОСТ.
Пресметките покажуваат дека изборот на тројцата пратеници чини речиси третина од сумата која е потребна за избор на 120-те пратеници во Македонија, односно над еден милион евра. Просечно, парламентарните избори ја чинат државата од 2,5 до 3 милиони евра.
Гласањето на иселениците е спорно поради нееднаквоста на гласот – пратеник од дијаспората да се избира и со само 900 гласови, а пратеник од Македонија – во просек со 8.000 гласови.
На последните парламентарни избори минатата година пратеничките места од дијаспората ги освоија: Ристо Манчев од Европа со 3.658 гласа, Павле Саздов од САД и Канада со 844 гласа, и Васко Наумовски од Австралија со 274 освоени гласа.