Во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје вчера настанала поплава, откако избил вентилот за парно за време на часот по македонски јазик. Вода избивала од главниот вентил, учениците во паника почнале да се качуваат по клупите, а водата набрзо се разлеала по ходниците. Од видеата што ни ги испратија читатели може да се види што се случувало вчера во училиштето кое буквално е пред распаѓање.
Димитар Филиповски, директор на „Лазар Личеноски“ вели дека денеска штетата е санирана, но дека останува фактот дека објектот на училиштето е супстандарден.
„Откако изби вентилот, веднаш се јавив во БЕГ, експресно се реагираше, меѓутоа водата се разлеа по ходниците. Вентилот беше затворен и заменет, а техничкиот персонал ја собра водата. Факт е дека објектот е многу стар и супстандарден и последен пат е саниран пред десетина години. Ѕидовите се во распаѓање, има влага, нешто успеваме да санираме, но тоа не е доволно“, изјави Филиповски за „А1он“, откако го добивме на мобилниот телефон, бидејќи телефонот во училиштето беше „времено исклучен“.
Во „Лазар Личеноски“ учат 230 ученици и ова училиште, заедно со фискултурното и со музичкото спаѓаат под Министерството за образование, за разлика од останатите средни училишта кои се под Град Скопје.
Токму годинава „Лазар Личеноски“ одбележува 75 години постоење и на 7 јуни планирана е изложба на учениците и друга културна програма.
Мери Јордановска