Двајцата претседателски кандидати поддржани од владејачката коалиција и од опозицијата, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска денеска се во Охрид и оддржуваат одделни средби со граѓаните. На својот Фејсбук профил, Силјановска од Охрид вчера го повика Пендаровски на дуел.
Денеска и двајцата излегоа со соопштенија за јавноста. Пендаровски зборува дека актуелната владејачка структура ја извадила земјава од изолација, а Силјановска зборува дека правдата во иднина ќе биде достапна за сите.
„Наместо да продуцираме лоши вести, ние почнавме да продуцираме добри вести и да се поврзуваме со сите соседи и со Европа и светот. По носењето на тешки одлуки во изминативе две години ние практично ги затворивме сите отворени прашања што ги имавме со нашите соседи и сега доаѓа период кога граѓаните на Северна Македонија ќе почувствуваат благодет од тие одлуки кои беа донесени. Започнува интензивно инфраструктурно поврзување со сите соседи, започнува интензивирање на економските и трговските односи со сите нив“, изјави Пендаровски од Охрид.
Силјановска пак, била на средба со локалното население во Лескоец каде што разговарале за проблемите на граѓаните.
„Мора заедно да се охрабриме и да се бориме против ненародната влада која покажува негрижа за сопствените граѓани во сите сфери. Како главни проблеми кои ги истакнаа граѓаните се урбанизмот и екологијата. Како претседателка ќе се залагам за истакнување на сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и ќе бидам секогаш на страната на народот и Македонија. Правото и правдата ќе бидат подеднакво достапни за сите“, изјавила таа.