И Груби вработува пред техничката влада: На оглас бара 15 нови административци

Од:

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кое раководи Артан Груби предизборно ќе вработува 15 административци. Работните места се отворени на еден месец пред изгласување на техничката влада, кога и нема да може да има нови вработувања во администрацијата.

Огласот е објавен на веб страницата на Агенцијата за администрација, а на него се нудат плати меѓу 35.364 денари и 22.218 денари, во зависност од работното место.

Највисоката плата ќе ја земе еден службеник, за местото „Раководител на одделение за следење на спроведување на прописите и разгледување на предлог прописите од областа на политички систем, Сектор за политички систем“, додека пак за најниската плата која се нуди, се бараат двајца вработени, а за позицијата „Помлад референт за стратешко планирање, креирање на политики и следење, Одделение за стратешко планирање, креирање на политики и следење“.

Вработувањата доаѓаат и во момент кога антикорупциската комисија ги чешла вработувањата во министерството на Груби, информација која во интервју на А1он ја кажа претседателката на комисијата, Билјана Ивановска.

„Ние работиме еден предмет поврзан со министерството за политички систем. Бараме инфомрации од ова министерство. Фактички предметот содржи повеќегодишна анализа како се движи еден тренд во државата, на вработување особено. Од ова министерство бараме инфомрации, не ни ги доставува, не изигрува на некој начин, не ни било писмото двојазично, па не знам, од небитни работи сака да направи дека нешто не се испочитувало. Ете, му доставивме и двојазично писмо. Сакам да кажам, кога некој прави проблем, ќе го прави секаде каде што има“, рече Ивановска.