И 5 јуни зависи од медиумите и избирачкиот список

Од:

Дали ќе има избори на 5 јуни не зависи од датумот, туку од тоа дали избирачкиот список ќе биде прочистен и дали ќе се спроведат медиумските реформи. Тоа произлегува и од извештајот на САД и ЕУ и поради кои недостатоци веќе беа поништени изборите на 24 април. Датумот 5 јуни е фиксиран колку што беше фиксиран и датумот 24 април, за опозицијата приоритет е да има прочистен избирачки список и реформи во медиумите што е услов да се одржат изборите, брифираат партиски извори.

-Нашето барање не е да се одложат изборите од 24 април на 5 јуни, туку да се прочисти избирачкиот список и да се спроведат ефикасни медиумски реформи, брифираат од опозицијата.

Во однос на тврдењето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски дека меѓународната заедница прифатила да нема закон за медиуми, посочуваат дека тое е само желба на Груевски и негова интерпретација. Изјавата на американскиот амбасадор Џес Бејли кој кажа дека се останува на новинарите се толкува само како дополнување на неговиот став дека реформите се многу битен дел од изборниот процес но и дека треба новинарите како втора страна од целиот процес треба активно да делуваат во тој правец.

Дури и на средбата со ВМРО-ДПМНЕ што ја имале меѓународните претставници јасно било кажано дека мора да има договор за реформи во медиумите.

Опозицијата тврди дека нивен интерес е само департизација и деполитизација на МРТ и Агенцијата за медиуми. ВМРО-ДПМНЕ во досегашните преговори до последен ден инсистирале да има партиски реклами кои би се намалувале од 2016 година до 2019 година, а парите би се делеле на петте национални телевизии кои би зеле педесет проценти и уште прдесет проценти би се делеле на медиумите според рејтингот. Од опозицијата очекуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прави проблеми и нема да сака медиумски реформи и во периодот што следи до јуни.

Партиски извори брифираат дека ВМРО-ДПМНЕ биле согласни од претходно да постапат по оценката на меѓународната заедница, но кога дознале дека ќе биде негативна почнале со интервенции во САД, Брисел и во Германија. Вчера, ВМРО-ДПМНЕ барале да се стави и реченица како анекс на договорот од Пржино, “СЈО да не се вклучуваат во политички активности, туку дека ќе се раководат од законот. Ова не било прифатено од меѓународните претставници со оглед дека би значело дека СЈО тоа досега го правело со што не се согласиле.

Вчера биле напорни преговорите на ВМРО-ДПМНЕ со странците со оглед дека за согласноста да ги одложат изборите барале неколку работи за возврат. Тие ветувале дека ќе гласаат за одложување на зиборите, но министрите на СДСМ да се повлечат од функциите и повторно да се вратат на 7 април. Потоа барале да се направи нов анекс на договоротт на Пржино и да го изгласаат сите партии.

Партиски извори брифираат дека меѓународната заедница не мора да дава нова оценка дали Македонија е подготвена за избори во јуни, со оглед дека неа ја прават надлежните институции, како ДИК од каде се очекува извештај дали е прочистен или не е прочистен избирачкиот список.
Александар Тодески