Хуманитарен базар и работилница за важноста на семејството

Од:

Подигнување на јавната свест за значењето на семејството во општеството, но и поддршката за семејствата на кои им е потребна, имаат за цел хуманитарниот базар и работилница за деца „На секое семејство му е потребна поддршка” што се одржува денеска во организација на Институтот за семејни студии при Филозофскиот Факултет-УКИМ, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на семејството – 15 Мај.

– Станува збор за хуманитарен базар на кој ќе се продаваат различни изработки од студентите меѓу кои рамки за слики, потсетници интересни декорации, како и прехранбени производи, различни слатки задоволства што студентите ги изработуваат со различни пораки за семејството. Секоја порака покажува колку е љубовта важна, колку е важно семејството, како и колку е битна поддршка за семејствата, изјави Македонка Радуловиќ професор од Институтот за семејни студии при УКИМ.

Појасни дека работилниците ќе бидат наменети за деца кои ќе цртаат на тема семејство, семејни улоги, зошто е важно да се поддржи секое семејство и да се толерира различноста.

– Собраните средства ги доделуваме на различни институции или загрозени семејства. Се уште немаме донесено одлука за годинава, а тоа каде ќе ги намениме зависи и од тоа колку средства ќе бидат собрани, рече Радуловиќ.

Меѓународниот ден на семејството се одбележува од почетокопт на деведесеттите и е востановен од ОН. Одбележувањето има за цел да укаже на важноста на значењето на семејството во општеството и да се покрене јавната свест по ова прашање.

Настанот се одржува денеска во Трговскиот центар “Skopje City Mall” од 12 до 20 часот.

Би можело да ве интересира

Базар на „second hand“облека, накит, книги и детски играчки во Јавна соба

Катерина Ѓуровски