Груевски: СДСМ гo смисли сценариото за 24. декември уште во јули

Од:

Сценариото што се случи на 24 декември било осмислено од страна на СДСМ уште во текот на јули минатата година и од тогаш е планирано кога ќе дојде време за донесување на буџетот да се предизвика инцидент за негово закочување, кој ќе биде алиби за неодење на локални избори и создавање хаотична состојба, истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на поплавените куќи во населбата Ливади, во Свети Николе.

Тоа, како што рече, го кажуваат и луѓе од партијата.

– Лидерот на опозицијата верува дека најдобро се снаоѓа во хаотична ситуација и дека најмногу може да испоентира политички од неа, рече Груевски.

Според него, тоа е многу лошо бидејќи политичарите, како што рече, треба да осмислуват настани во кои преку позитивна атмосфера и позитивни поени ќе успеваат, а не со креирање кризи на грбот на граѓаните и на државата.

– Ги доведоа во прашање нашите евроатлантски интеграции. Тоа го разбра целиот свет и Европа. Верувам дека, сепак, во последен момент тој човек ќе најде сили да излезе од ова деструктивно сценарио кое го обмисли и во кое ја втурна државата, потенцира Груевски.

На прашањето дали ќе го задоволат барањето на СДСМ за организирање предвремени парламентарни избори доколку учествуваат и победат на локалните избори, рече дека нема да прифатат таков тип уцени и додаде дека веќе им попуштиле на СДСМ.

– Направивме измени на Законот со кои овозможивме и на некој начин им подадовме рака да се вратат во еден нормален колосек, рече Груевски.