Југоисточна Европа треба трајно да ја осигура својата стабилност и да граби кон економски напредок. Решавањето на отворените прашања, и тоа врз база на принципите на ОН, во што побрз период, треба да биде стратешки приоритет и предмет на интерес на ОН. Политиката на посветеност, соработка и мудрост кон решавањето проблеми треба да биде нашата заедничка опција и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман, истакна македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред Генералното Собрание на Светската организација во Њујорк.
– Република Македонија останува активен и конструктивен актер во регионалното опкружување, давајќи значителен придонес на натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зацврстувањето на регионалната безбедност. Оваа година ние претседаваме со Централно Европската Иницијатива и се фокусираме на афирмирање и промовирање на регионалната поврзаност, развој на инфраструктурните и енергетски врски и одржливиот развој во регионот, рече Груевски.
Главната стратегиска и надворешно-политичка цел на Република Македонија, истакна Груевски, останува нашето членство во ЕУ и НАТО. – Сите реформи преземени во земјата се во согласност со таа цел. Сите внатрешно-политички проблеми се решаваат во тој дух. Сепак, без оглед на внатрешно-политичките предизвици со кои се соочуваме, дозволете ми да подвлечам дека не треба да има препрека на нашиот пат кон евро-атлантската заедница на нации, наглaси македoнскиот премиер.
Едно нерешено прашање, посочи, кое, за жал, стои на патот на трајна стабилизација на нашиот регион, и директно влијае врз мојата земја и сѐ уште стои во агендата на ОН, за жал, е разликата со Грција околу името на мојата земја.
– Нашата позиција е мошне позната. Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, нагласи Груевски, порачувајќи дека ОН не можат и не смеат да стојат настрана од овој процес кој силно ги попречува македонските аспирации за подобра иднина за граѓаните.
Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба.
– Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски.
Денешните генерации политичари од двете страни, укажа, треба да направат овој спор, кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, може да има решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на нашите земји и кое ќе обезбеди суштински напредок за Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантирано стабилно регионално опкружување и реализација на интересот на колективните системи за безбедност за меѓународен мир и просперитет и гаранција на нивните интереси.
– Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици, рече премиерот Груевски.
Со таква една трајна стабилизација, порача, широко ќе се отворат можностите за реализација на економски напредок, за поголема соработка на сите земји во регионот во трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
– Сите ние треба да се стремиме кон реализација на крупни економски инфраструктурни проекти, кои ќе опфаќаат поголем број држави и со чија што имплементација следствено ќе се влијае на зголемување на бруто домашниот производ на сите земји партиципиенти и ќе се обезбеди отворање на десетици илјади нови работни места. Берлинскиот процес дава добри моменти во поглед на реализација на овој концепт, а интеграцијата во Европската Унија дополнително ќе го засили тој елан, но и ефикасноста, ефективноста и продуктивноста на реализацијата на шансите во функција на економскиот раст, наведе Груевски.
На тој начин, додаде, ќе продолжиме со стратешките цели за намалување на невработеноста која е суштинска цел од првиот ден на мојот ангажман во политичкиот живот, за подигнување на економскиот стандард на граѓаните, за развој во образованието и културата и во унапредување на стандардите во секоја сфера кои ќе донесат корист и за земјите и за регионот.
– Затоа, дозволете ми уште еднаш да апелирам тука, во Обединетите нации, додека се потсетуваме на принципите и целите на организацијата, дека двете земји мора целосно да го искористат меѓународното право и правда во решавањето на ова прашање на одговорен начин, почитувајќи ги притоа разликите во нашите позиции, а сепак во обид за нивно надминување, верувајќи во европските вредности и во нашата заедничка иднина, рече претседателот на македонската Влада.
Истакна дека регионот на Југоисточна Европа влегува во фаза на позитивен развој и генерално, националните и регионалните примарни цели се веќе исполнети или се на дофат. И покрај ваквиот напредок, нагласи, одредени долготрајни, нерешени или делумно решени билатерални прашања имаат јасен негативен одраз врз нашата сегашност и блиска иднина, а за Република Македонија која се соочува со отворен спор, тоа се покажа како сериозна пречка за интеграциите во меѓународни организации. Тоа претставува оптоварување за напредокот за градење капацитети за превенција од нарушување на стабилноста, и тоа во мигови на големи глобални искушенија, посочи премиерот Груевски.
Нашиот регион, додаде, се соочува со два клучни стратешки и глобални предизвици, првиот е кризата со мигрантите и бегалците, и вториот многу поопасен аспирациите за посилен продор на ИСИС во Европа, кои појавуваат сериозни опасности за влијание на економијата и одржливиот развој, но многу пострашно преку агендата на ИСИС за рушење на општествата базирани на универзалните вредности и принципи кои ги штити ОН.