Груевски и владината делегација на молебен во црковната базилика Сент Клименте во Рим

Од:

Претседателот на владата на Република Македонија Никола Груевски заедно со владината делегација во која се министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска присуствуваа на молебенот кој се одржа во црковната базилика Сент Клименте во Рим по повод чествувањето на 24 мај-Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Со молебенот на гробот на Свети Кирил чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква, Охридска архиепископија г.г Стефан заедно со претставниците од светиот синод, владиката епископ Хераклејски Климент и митрополитот на Европската епархија Пимен.

Молебенот беше дел од овогодинешната прослава и одбележување на делото на просветителите Св.Кирил и Методиј, со што владината делегација ја заврши својата посета на Рим и Ватикан.

Премиерот Груевски по молебенот изјави дека денеска ја завршуваат оваа посета на Ватикан и на Рим.

– Во Ватикан се сретнав со поглаварот на римокатоличката црква папата Франциск, при што ги истакнав стратешките правци и приоритети на Република Македонија, предизвиците на државата, и секако го поканив да ја посети Република Македонија. Потоа имав средба со државниот секретар на Ватикан кардиналот Пиетро Паролин, кој според функцијата практично е вршител на должноста премиер, со кој што ги потврдивме одличните односи меѓу Ватикан и Република Македонија, изјави Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија со должно внимание го чествува делото на светите браќа Кирил и Методиј и нивната значајна просветителска улога и дејност.

– Престојот го завршуваме со молебен на гробот на Св. Кирил каде заедно со црковната делегација присуствуваме и одадовме почит на Свети Кирил и Методиј за нивното дело од кои што генерации и генерации на Македонци, и не само Македонци и други граѓани на многу држави кои што го примиле нивното учење, имаат полза и напредок, нагласи тој.

Архиерејот на МПЦ ОА г.г Стефан по молебенот во својот говор нагласи дека поради нивното дело светите браќа Кирил и Методиј се почитувани и од христијани и луѓе кои не се од христијанска вероисповед, и од македонскиот и од словенските и од други народи, и од верници и од неверници, затоа што нашиот и многу други народи ја разбраа вистината преку разбирливиот јазик, писмо и проповед.

– Нивниот единствен мотив бил да ја следат Христовата порака упатена кон неговото вознесение. Одете и научете ги сите народот кршетавјќи ги во името на отецот, синот и светиот дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал, е пораката по која се движеа светите браќа Кирил и Методиј, истакна г.г Стефан.

Тој се заблагодари за закрилништвото на Свети Кирил.

– Тука сме и денес пред твоето вечно почивалиште да ти искажеме признание и љубов и од оваа македонска генерација за постојаното молитвено закрилништво и застапништво пред Бога за нашиот македонски народ и за нашата, твоја и Светиклиментова Црква, истакна поглаварот г.г Стефан.