Груевски ги повика стружани одѕивот в недела да биде посилен од првиот круг

Од:

Владо Кочоски ќе биде градоначалник за сите, ќе се грижи за сите, без разлика на етничка, верска и партиска припадност и социјална група или каква било друга поделба на категории на граѓани. Ќе биде еден за сите граѓани на Струга, тоа е неговата цел, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при денешната посета на Струга.

По прошетката со кандидатот за градоначалник од коалицијата „Заедно за Струга“, тој ги повика граѓаните масовно да излезат во недела, одѕивот да биде посилен од првиот круг и стопроцентен, за да го поддржат струшкиот доктор Кочоски.

– Струга е мултиетничка и мултиверска општина и градоначалникот ќе се грижи за сите да им помогне на сите, градејќи, правејќи проекти, Струга да ја направи најубаво место за живеење, но и поубаво место за поминување на годишните одмори и развој на туризмот, рече Груевски.

Соопшти дека во програмата на кандидатот е предвидено изградба на пристаниште каде што реката Црн Дрим се излева од Охридското Езеро. – Предвидено е да се изгради пристаниште бидејќи Струга нема соодветно пристаниште. Направени се одредени идејни проекти, ставено е во програмата на Кочоски и ќе биде реализирано, нагласи Груевски.

Според него, еден од најзначајните проекти за Струга е изградба на слободна економска зона во близина на градот, која ќе привлече многу компании и ќе отвори нови работни места. За таа цел, рече Груевски, денеска разговарал со директорот на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо, кој му пренел дека има интерес од компании и оти една е фокусирана токму на Струга.

– Изградбата на зоната треба да почне во текот на оваа година и тоа би било одлична можност за Струга да се изградат нови фабрички капацитети и да се отворат нови работни места. Ќе останам фокусиран на овој проект и заедно со новиот градоначалник ќе овозможиме што побрзо да се реализира за да може што побрзо да се привлечат компаниите и да се отворат нови работни места, рече Груевски.

Истакна и дека во програмата на Кочоски е предвидена реконструкција на повеќе водоводни и канализациски мрежи, улици, изградба на катни гаражи по моделот јавно-приватно партнерство.

– Предвидени се и голем број други проекти кои, убеден сум, дека ќе бидат реализирани и ќе ја променат состојбата во Струга. Ќе се подобри состојбата со плажите, а се планира и детален урбанистички план кој ќе биде во согласност со потребите на стружани, но и согласно потребите за развој на туризмот во Струга, додаде Груевски.

Кандидатот за градоначалник Кочоски нагласи дека во неговата програма за идните четири години внесени се датуми за реализација на проектите, финансиска конструкција и рок на рализација.

– Последниве осум години Струга не само што тапка во место, туку се уназадува, рече Кочоски. Двајцата прошетаа низ градот зашто Кочоски сакаше да му покаже на премиерот каква е Струга денес, со ветување дека ќе ја промени и дека повторно ќе го покани на заедничка прошетка по четири години, кога ќе му заврши градоначалничкиот мандат. За да ги оствари плановите за Струга, Кочоски ги повика стружани в недела масовно да излезат и да гласаат.