А1он

  • Почетна
  • Македонија
  • Економија
  • Регион
  • Свет
  • Магазин
  • Спорт
  • Култура
  • Видео
  • Скен
FacebookTwitterYoutube
А1он
Од: А1он
Македонија

Граѓанските здруженија бараат продолжување на проектите и програмите за превенција на здравјето

by А1он22/06/2017 - 15:5948
Share0

Здружението на граѓани ХОПС, за континуирана финансиска поддршка на програмите за намалување на штетите од употреба на дроги денеска ја промовираше кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница“. Целта е да се повикаат носителите на одлуките за продолжување на проектите и програмите кои работат на превенција и унапредување на јавното здравје.

Добивај вести на вибер

– Македонија во моментот е лидер во регионот во превенција од ХИВ, така што еден од примарните приоритети на Министерството за здравство е да ја задржиме најниската стапка на ова заболување и во континуитет да работиме на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во оваа област. Изминативе денови се сретнав со претставници на здруженијата ХЕРА, ХОПС и „Заедно посилни“, со кои заеднички ќе работиме на изнаоѓање системски решенија во оваа област, рече на промоцијата министерот за здравство Арбен Таравари.

Тој додаде дека има одвоено одредена сума пари во буџетот на РМ која заедно со тие фондови кои веќе постојат од Глобален фонд, ќе се спојат и со нив ќе менаџираат во следниот период од околу шест месеци.

– Ние ќе помогнеме да се реализира тоа решение максимално до крајот на годината, а за идниот буџет тоа ќе го планираме како за сите групи. Има 14,6 милиони денари кои се планирани за до крајот на годината“, рече Таравари.

Од организациите денеска посочија дека до 1 јули има само 8 дена и се пробиени сите разумно рокови за користење и доделување на средствата од програмата на Министерството за здравство. Како Платформа сочинета од 16 граѓански организации побараа донесување итно решение за користење на средствата од програмата за ХИВ и 2, воспоставување соработка помеѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор за донесување соодветни закони /или подзаконски акти“.

Затворањето на програмите, според нив, претставува сериозна закана за јавното здравје во Република Македонија, особено што се однесува на ХИВ и на хепатит Ц и има финансиски импликации. Според пресметките, трошокот за еден клиент во програмите за намалување штети изнесува приближно 155 евра годишно. Наспроти ова, трошокот само за лекови за еден пациент заболен од хепатит Ц изнесува и до 13.194 евра, а ненавременото и несоодветно лекување хепатит Ц предизвикува цироза на црн дроб, чие лекување чини повеќе од 30.000 евра по пациент. Дополнително, трошоците за лекување ХИВ и хепатит Ц финансиски ги исцрпуваат семејствата на луѓето кои имаат потреба да се лекуваат, а со тоа понатаму се мултиплицираат несаканите трошоци и се нарушува целокупната општествена благосостојба.

– Достапноста на програмите за нас како спроведувачи значи да ги сведеме на минимум негативните ефекти што произлегуваат од употребата на дроги. Програмите ни овозможуваат да едуцираме, да интервенираме при размена на стерилен прибор, да советуваме преку нашите стручни соработници и на повеќе начини да им помогнеме на луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства. Токму поради ваквите карактеристики, овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко. Ваквиот пристап и овој процес има и економски аспект, односно е неколку пати поевтин отколку трошокот за лекување на зависноста, рече Христијан Јанкулоски, извршен директор на ХОПС.

Програмите за намалување штети се карактеризираат со комплементарност и нудат повеќе услуги на едно место. Размена на стерилен прибор за инјектирање, дистрибуција на кондоми, услуги од медицинско лице за советувања, базичен третман на рани поради долготрајно и неправилно инјектирање, едукации, како и социјален работник за поддршка за остварување на правата од социјална и здравствена заштита, асистенција и придружување на клиенти до соодветни институции и организации, теренска работа, тестирање за ХИВ и за хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош се бројните функции на овие програми.

Досега овие програми и активности се финансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, чија поддршка завршува во јуни 2017 година и континуитетот на истите е неизвесен поради необезбедената финансиска поддршка. Тоа значи дека над 10.000 луѓе кои употребуваат дроги како и членови на нивните семејства, ќе останат без соодветна здравствена и социјална заштита.

– Благодарение на овие програми, во последниве десет години во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ како резултат на инјектирање дроги, а помалку од 5 отсто од вкупно 315 регистрирани случаи со ХИВ биле луѓе кои инјектираат дроги. Овие бројки се далеку помали за разлика од состојбите во другите, соседни земји. Македонија е со најниска стапка на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа. Доколку не се одржат програмите за намалување на штетите од употребата на дроги, постои ризик од појава на епидемија кај оваа популација, како резултат на интеракција со епидемиите во соседните земји и зголемување на ризичното однесување, изјави Влатко Деков, програмски менаџер на ХОПС.

– Оваа година Министерството за здравство, првпат издвои 14,6 милиони денари за здруженија на граѓани. Овие средства, заедно со преостанатите средства од Глобалниот фонд, се наменети за спроведување на програмите во втората половина на 2017 година. Имајќи предвид дека имаме само 10 дена до 1 јули и сите разумни рокови се пробиени, како Платформа бараме донесување на итно решение за користење на средствата од програмата за ХИВ и преостанатите средства од Глобалниот фонд за клучните програми ширум земјата. Со тоа да не се дозволи на 1 јули да настане прекин во помошта за овие групи и превенцијата на ХИВ. Исто така, бараме да се воспостави соработката помеѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор и останатите засегнати страни за донесување соодветни закони или подзаконски акти, кои ќе гарантираат транспарентност, соодветна експертиза и одржливост на програмите за превенција на ХИВ на подолг рок, рече Елизабета Божиноска, координатор на платформата за одржливост на програмите за превенција и поддршка на ХИВ.

Кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница“ чија главна цел е одржливост на програмите за намалување штети од употреба на дроги во Македонија е иницирана од ХОПС заедно со Платформата за одржливост на програмите за превенција и поддршка на ХИВ во која членуваат 16 здруженија на граѓани.

FacebookLike
TwitterFollow
InstagramFollow
YoutubeSubscribe

НАЈЧИТАНИ.

  • Facebook
  • Twitter
  • Instagram
  • Youtube
  • Импресум
  • Контакт
  • Маркетинг
  • Услови за користење

@2019 - A1on. Сите права задржани.

@2019 - A1on. Сите права се задржани
А1он
FacebookTwitterYoutube
  • Почетна
  • Македонија
  • Економија
  • Регион
  • Свет
  • Магазин
  • Спорт
  • Култура
  • Видео
  • Скен