Граѓаните бараат да се открие кој го загадува Карпош

Од:

Карпош деновиве се бори со екстремно високо загадување предизвикано од несовесни граѓани и стопанственици. За жал, наместо нашиот глас да биде чуен оставени сме само да гледаме како чадот се подигнува од повеќе локации, стигнува до нашите домови и систематски не труе, се вели во реакцијата на граѓаните, кои повикуваат на прес-конференција утре во 11 часот на влезот од седиштето на Општина Карпош ( влез на училиштето „Лазо Трповски„) на улицата Радика во населбата Карпош 3.

„Го направивме тоа што секој цивилизиран граѓанин на една урбана општина како што е Карпош треба да го направи – се обративме до сите институции и особено апелиравме за поголема ангажираност на Општината Карпош за што ќе ви доставиме  копии од дописите. Сепак, оттаму само добиваме автоматизирани одговори и безмалку никаква реакција на терен.

Затоа, дел од нашите сограѓани излегуваат на терен и самите идентификуваат кој загадува па деталите ги пријавуваат во Општината, во противпожарните служби меѓутоа секоја ноќ се повторува истото и ние немаме веќе дом. Покрај тоа што Општината дозволи да се изградат бројни нови станбени објекти (поголемиот број висококатници) и ги затвори каналите за природен проток на воздух деновиве сме сведоци дека експанзијата е насочена и кон кејот на Вардар долж Булевар Илинденска.

Апелираме да не поддржите во борбата за чист воздух и мирен сон. Нашите следни чекори се мирен протест и поголема ангажираност на терен за што доследно ќе ве известуваме. Се надеваме само дека нема да се исцрпат демократските и цивилизираните начини за разрешување на овој клучен проблем“, се вели во апелот на граѓанската иницијатива.