Утрово градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, го посети првороденото дете во 2018 година во штипската клиничка болница. Станува збор за ќеркичката на Ивана Постолова од Општина Карбинци, којашто се родила во 01:50 ч. по полноќ во новогодишната ноќ.
Првороденото дете во 2018 г. во Штип се вика Сара и е првороденче на нејзините родители. Градоначалникот им честиташе на родителите и им посака нивната ќерка да расте здрава и да ги ужива благодетите на функционално општество со квалитетно предучилишно и училишно образование, на што сите заедно ќе работиме.
– Меѓу подароците за бебето и мајката имаше и штедна книшка со 10.000 денари, што е добар почеток малата Сара уште од сега да научи да штеди, но и да биде вредна, среќна и весела граѓанка.
Исто така, како дел од програма за одбележување на новогодишните празници, градоначалникот додели и ваучер во вредност од 20.000 денари за Акушерското одделение при Клиничка болница – Штип, известија од општината.
