Градоначалникот на Бутел се откажа од ГТЦ, отстранет констатираниот судир на интереси

Од:

Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, ја известил Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) дека се откажал од функцијата член на одборот на директори на Градскиот трговски центар АД Скопје со што кај него е отстранет констатираниот судир на интереси. Тој се најде на листата службени лица кои извршуваат две и повеќе неспоиви функции за кои ДКСК минатиот месец констатираше судир на интереси по проверка на доставените изјави за интереси. Тој од 2017 година е градоначалник на Бутел, а пријавил и дека е член на Управниот одбор на ГТЦ.

Од ДКСК велат дека до градоначалникот Смилевски воопшто не испратиле барање за отстранување на судирот на интереси.

„Градоначалникот на општина Бутел достави известување до ДКСК дека не ја извршува повеќе функцијата неизвршен член на одборот на директори на Градски трговски центар АД Скопје од 28.03.2018 година. ДКСК не достави до градоначалникот на општина Бутел барање за постапување поради тоа што лицето извести дека не извршува дополнителна функција освен градоначалник, со приложување доказ, и истото не се наоѓа во состојба судир на интереси“, велат од ДКСК за „А1он“.

Градоначалникот Смилевски во изјава за „А1он“ објасни дека останал на функцијата во ГТЦ неколку месеци откако бил избран за градоначалник.
„Целосно се повлеков во март 2018 година, но откако станав градоначалник, бев неизвршен член и не земав надомест“, рече градоначалникот Смилевски.

Освен градоначалникот на Бутел, судир на интереси поради извршување две неспоиви функции ДКСК констатираше и кај градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, кој истовремено е и член на Управниот одбор „Студенчица – Кичево“ од 2017 година. Тој не одговори на прашањата од „А1он“ од која функција ќе се откаже по укажувањето за судир на интереси, а досега не испратил никакво известување ниту до ДКСК.

Дополнителни известувања во ДКСК добиле од градоначалникот на Бутел и уште од три службени лица, но меѓу нив не е градоначалникот на Ресен.

На листата службени лица со констатиран судир на интереси покрај двајцата градоначалници се најдоа уште 16-мина. Со исклучок на градоначалникот на Бутел, до сите се испратени барања за постапување со датум 08.04.2019 година. Службените лица имаат рок за постапување од 15 дена по приемот на барањето.

Согласно член 77 став 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ако Државната комисија констатира постоење на судир на интереси должна е за тоа да го извести службеното лице и да побара од него во рок од 15 дена од доставување на одлуката да го отстрани судирот на интереси. Ако службеното лице постапи по барањето, Државната комисија ја запира постапката и за тоа ги известува службеното лице и подносителот на пријавата. Ако службеното лице не постапи по барањето и за тоа не ја извести Државната комисија во утврдениот рок,

Државната комисија без одлагање за тоа го известува надлежниот орган со барање да се поведе дисциплинска постапка, доколку службеното лице не е избрано или именувано лице или со иницијатива за разрешување/престанок на вршењето на јавните овластувања или должности, доколку службеното лице е именувано или назначено лице или изрекува мерка јавна опомена доколку службеното лице е избрано на непосредни избори.
Исто така, доколку службеното лице постапува спротивно на член 44 од Закон за спречување на корупцијата и врши некоја друга функција, должност или дејност што е неспоива со неговата функција, предвидена е глоба од 300 до 500 евра во денарска противвредност.

Од ДКСК велат дека во Законот за спречување на корупцијата не се предвидени одредби што ќе ги обврзат лицата со констатиран судир на интереси да ги вратат парите што ги зеле како надомест за вршење две и повеќе функции.

Маја Илиевска Пачемска