Градоначалниците на Кавадарци и Росоман ги посетија лозарите кои протестираат

Од:

Градоначалниците на Кавадарци и Росоман, Александар Панов и Стојанче Лазов, денеска ги посетија лозарите кои протестираат блокирајќи го веќе трети ден патот Градско – Прилеп кај Росоман.

Лозарите бараат поништување на продажбата на винарската визба „Винеа“ поради тоа што сметаат оти со продажбата ќе бидат исплатени обврските кон другите доверители, но не и кон нив.
Панов им кажа на лозарите дека според неговите информации, постоеле аномалии во постапката за продажба на винарската визба „Винеа“ од росоманското село Паликура.

Имало сигурни индиции дека продажбата можело да биде поништена. Пред нив рече дека се надева оти судот позитивно ќе одговори на нивниот приговор со кој бараат поништување на продажбата.

-Не би изнесувал сега детали за тие аномалии. Ќе оставиме судот како независна институција да донесе решение денеска или утре. Но, со поништувањето на продажбата проблемите на лозарите не завршуваат. Апелирам до сопствениците на „Винеа“ доколку си ја вратат винаријата и ги платат долговите да ги имаат во предвид и обврските кон вас како лозари, рече Панов пред лозарите.

Заедно со градоначалникот на Росоман, додаде, имавме комуникација со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски кој е надвор од државата и заменик министерот Зоран Коњановски.

– Двајцата во целост како и ние ве поддржуваат како лозари во вашите напори да си ги наплатите вашите побарувања за предаденото грозје, истакна Панов.