Во Малезија, која годинава претседава со Асоцијацијата на државите од југоисточна Азија, АСЕАН, денеска допатуваа шефовите на држави и влади на десетте членки на Асоцијацијата, кои на годинешниов самит ќе треба да ги разгледаат и одобрат досегашните подготовки за формирање на Економската заедница на АСЕАН.
Оваа групација, која ја сочинуваат Малезија, Индонезија, Брунеи, Сингапур, Тајланд, Лаос, Мјанмар, Камбоџа, Виетнам и Филипините од почетокот на идната година ќе треба да функционира на принципи што се речиси идентични на Европската унија.
Аналитичарите очекуваат лидерите на десетте држави на АСЕАН да разговараат и за односите со Кина, која е се поприсутна како финансиер на економскиот развој во регионот, но со некои членки на АСЕАН има територијални спорови за сувереноста на водите на Јужното Кинеско Море.
Тензиите се покренати од како пред дваесетина дена Филипините објавија сателитски снимки според кои Кина гради големи цивилни и воени постројки на спорни острови во регионот.
Иако не се наоѓа на официјално најавената агенда на самитот, се очекува дека лидерите на државите од АСЕАН ќе договорат и заеднички став за решавање на територијалните спорови.