Целосна обнова на патот што Тетово го поврзува со Попова Шапка, изградба на паркиралиште, современа жичница , како и зголемување на должината на скијачките патеки, најави во понеделник носителот на листата од Коалицијата „За подобра Македонија“ за шестата изборна единица Влатко Ѓорчев.
„Тука се предвидува целосна обнова на патот што Тетово го поврзува со Попова Шапка, изградба на паркиралиште со 350 места за автомобили, зголемување на скијачките патеки од сегашните 12 на 18 километри, како и поставување и изградба на најсовремената жичница на Балканот со шест седишта со што капацитетот на сите жичници во овој скијачки центар од сегашните 2.000 ќе се зголеми на 12.000 скијачи. Покрај тоа предвидена е и набавка на опрема за вештачки снег за продолжување на скијачаката сезона, патеки за маунитинбајк и за параглајдери и делтаплан“, рече Ѓорчев.
Тој на почетокот од изборната кампања најави дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери ќе води позитивна кампања, односно кампања за претставување на проектите за развој, поголеми плати и пензии, како и повеќе работни места и фабрики.
