„Горе е шареното педерче фрлете го доле него треба да го убиеме“ извикувале дел од луѓето кои упаднаа во Собранието на 27 април минатата година, сведочеше пратеникот Павле Богоевски. Видно вознемирен, Богоевски во судницата раскажуваше како насилниците се качиле во галеријата каде бил тој заедно со десетина други колеги.
– За 5 минути откако влегоа дел од толпата се качи горе. Откако сфативме дека нападот е неизбежен колегите пратеници се заклучија во кабините за превод, а јас останав сам. Се обидов да ги спречам да влезат или барем да ја намалам тензијата. За едно лице подоцна дознав дека е вработен во општина Аеродром, тој ми рече „Каде ќе бегаш шарено педерче сега те фативме?“, рече Богоевски.
Тој во детали раскажуваше како се обидувал да ја држи вратата затворена, но толпата ја турнала и ја откорнала, а тој застанал како жив штит меѓу напаѓачите и кабината каде биле заклучени пратеничките.
– Ги раширив рацете и стоев како бариера. Не се сеќавам колку пати ме удрија и каде се ме удираа по телото. Знам дека беа повеќе од петмина, се менуваа цело време, а јас ги молев да се смират, но не се смирија. За среќа имав само полесни физички повреди, гребаници, модрици, но имам други последици по моето психичко и физичко здравје. Имам оштетување на белите дробови од чадот од димните бомби и трауми карактеристични за настани од таков тип, додаде Богоевски.
Богоевски сведочеше последен по речиси 12 часа откако почна денешното судско рочиште каде се обвинети триесет и три лица. Следната расправа е на 6 септември.
Галена Николовска-Ризвановиќ