Ги гледаме секој ден, а малку ги забележуваме трагите и промените што времето ги остава на нивниот надворешен изглед. Кога влегоа во политиката, сите беа свежи, а по речиси една деценија работа, долгите работни часови, стресот и обврските оставија трага на нивниот физички изглед, пишува Мета.
Кај некои нема голема разлика, но други се речиси непрепознатливи. Сепак говорот на телото и изразот на лицето речиси кај сите останал ист.
Иако за дел од нив се зборува дека ги користат современите козметички третмани, сепак изгледа дека нашите политичари стареат природно.

- Ѓорге Иванов: Времето направи компромис и разумно го смени физичкиот изглед на професорот по политички теории откако тој стана претседател на Македонија.

- Никола Груевски: Ги остаре сите со долгите владини седници и со работата 24/7, но кај него најмалку се забележуваат промените. Не е потврдено дали е тоа поради честото појавување во јавноста или поради редовното потстрижување.

- Зоран Ставрески: Многубројните странски инвестиции оставија траги. Справувањето со светската економска криза некогаш го остава без спиење.

- Никола Тодоров: Проблемите со белите мантили му донесоа многу бели влакна. Така е кога спортот го замени со изборни активности и со позитивни листи.

- Радмила Шекеринска: Кај неа најдобро се гледа дека е подобро да си во опозиција отколку на власт. Нејзе ѝ годат деветте години апстиненција од власт.

- Теута Арифи: Изгледот го менува исто толку често како и политичките функции. Стоички се справува со годините и покрај тетовскиот загаден воздух.

- Каролина Ристова Астеруд: Се гледа дека професорката од Правниот факултет сака да го впие младешкиот дух на студентите. Огнениот темперамент го истакнува со слична боја на косата.

- Илија Димовски: Пушти брада, извади очила, излезе од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и сега, вака среден, ги камшикува колегите пратеници.

- Љубомир Фрчкоски: Не е постојан. Ниту во кариерата, ниту во изгледот. Де носи очила, де не носи, де има брада, де нема. Постојан е само како мета на провладните медиуми.

- Љубчо Георгиевски: Вмровската брада му е сè пократка и сè побела. Но, тоа не му влијае на расположението. И нему му годи опозиционерството.

- Стевчо Јакимовски: Нему навистина никој не му може ништо. Особено не сега, кога судбината го спои со власта. Обеле, ама не остаре.

