Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и неговиот српски колега Ивица Дачиќ вечерва на Светосавската академија во Скопје се заложија за унапредување на односите меѓу двете пријателски народи и држави.
– Унапредувањето и надградувањето на меѓусебните односи нека биде наша водилка која ќе се пренесе како непроценливо наследно богатство за сегашните и идни генерации. Нашата меѓусебна почит и вреднување, нашата соработка и врските кои постоеле помеѓу македонскиот и српскиот народ од секогаш се нашата предност која посветено треба да ја развиваме и која има сериозен придонес во изградбата на подобра иднина за нашите народи, за нашата држава на целиот регион, истакна премиерот Груевски на свеченоста што се одржа по повод националниот празник на Србите во Македонија.
Убеден сум, додаде тој, дека токму заради оваа значајна придобивка ние, Македонците и Србите и сите останати етнички заедници кои живеат во Македонија, сплотени и обединети, со заеднички сили ќе продолжиме да придонесуваме за севкупниот развој на земјата.
– Српскиот народ е значаен и нераздвоен дел од мултиетничкиот и мултикултурен мозаик на Република Македонија. И токму вашето етничко и културно идентификување со овој празник се огромни причини тој да е дел и придобивка на нашите заеднички, општествени вредности и повод за одбележување и прослава, изјави Груевски.
Македонскиот премиер Груевски ги повтори определбите на Владата за понатамошно унпаредување на интеграцијата на Србите во македонското општество и за зајакнување на институционалните можности за понатамошно негување и унапредување на нивните интереси и културни особености.
– Сите заедно ќе продолжиме да работиме на понатамошно зајакнување на политичките и економските соработки со Република Србија, рече тој.
Српскиот премиер Дачиќ, кој беше гостин на вечерашното одбележување на Свети Сава во Скопје, му се заблагодари на премиерот Груевски што присуствуваше на свеченоста.