ФОТО: Четворица повредени во сообраќајка меѓу цистерна и автомобил

Од:

Сообраќајна несреќа се случи рано утрово во Скопје, на бул. „Србија“, на крстосницата со бул „Борис Трајковски“, во која, повредени се четворица.

Во сообраќајката која се случи во близина на Цементарница Усје, цистерна удрила во патнички автомобил, во кој се возеле петмина, од кои четворица се пожалиле на повреди и се пренесени во болницата „Св. Наум Охридски“, пренесе Макфакс.

До несреќата дошло кога возачот на цистерната која се движела по булеварот „Србија“ во правец кон населбата Аеродром од непознати причини решил да се врати назад и почнал да врти полукружно, со што влегол во спротивната лента на движење.

Цистерната удрила во патнички автомобил марка „лада самара“ со кумановски регистарски таблички и го туркала сѐ до тротоарот на спротивната страна.

Сообраќајот на местото на сообраќајката е во застој, блокирани се сите три ленти кои водат од населба Аеродром кон цементарницата, а возилата се принудени да ја заобиколуваат сообраќајката преку тротоарот.

Полиција направи увид на лице место, а сѐ уште се работи на расветлување на случајот.