По објавените прислушувани разговори од страна на СДСМ, Форумот на слободоумни патриоти испрати јавно извинување, за како што велат, сите закани, уцени и вулгарности изречени од функционери и високи партиски членови на ВМРО – ДПМНЕ.
Деновиве бевме сведоци на изречени закани, уцени, недоличности и други вулгарности изречени од функционери и високи партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само мал дел од нив –
„Да му ја избркаме таа од работа ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејот?“.
„Ако најдиме еден вработен и еден член што немаат доставено, во понеделник добиваш отказ“.
„Ќе ја избркам од работа“.
„Ако не излезат до девет 72 часа ќе работат“.
„Мислам дека треба да летне и он. Женаму му сега почнав да барам кај работи, треба да ги оставиме без ништо. И тоа кафаната треба да му ја запалиме“,
„Ќе ги најде жената и децата во ендек“.
„Циганите за уши ќе ги носиме на гласање”…
Доколку во институционална постапка се потврди автентичноста на објавените снимки, Форумот на слободоумни патриоти, во име на чесното и лојално членство на ВМРО-ДПМНЕ, чувствува морална и човечка одговорност јавно да им се извини на секој поединец, етникум, здружение, партија и на сите останати субјекти на кои во текот на владеењето на оваа раководна структура на ВМРО-ДПМНЕ им е повредена честа, угледот и достоинството“, стои во соопштението на Форумот.
