Филипова: Само по 4 часа вода за пиење во Неготино

Од:

„Вчера ги одведовме новинарите на локацијата каде власта најави изградба на железарница-топилница, а советниците на СДСМ во општината, заедно со 5000 потпишани граѓани, успеаја да ги спречат во нивните намери. Не затоа што сме против инвестициите во нашата општина, туку затоа што одбиваме да го ставиме профитот пред животот и здравјето на нашите деца, како и уништувањето на земјоделството во оваа еколошка оаза.

Веднаш потоа потсетивме дека заради корумпираноста на власта на ВМРО-ДПМНЕ, Неготино ја изгуби најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на Македонија, а која што ја донесе СДСМ. 800 милиони евра кои што требаше да се вложат во нова термоелектрана во која ќе се вработеа стотици невработени Неготинчани беа преселени во соседна Албанија само затоа што на некого му беше загрозен фамилијарниот бизнис“, рече Силвана Филипова, кандидат за градоначалник на СДСМ за Неготино..

Неготино, потсети е еден од последните градови во Македонија кој што се уште има проблеми со водата за пиење, водата може да се користи само 4 часа во денот додека, вели, централната власт наголемо гради фонтани во центарот на Скопје.

„Главниот проект на новата општинска власт ќе биде гасификацијата на Неготино по примерот на Струмица и Куманово. Поевтините енергенси драстично ќе ги намалат трошоците за производство на компаниите и тие ќе можат да си дозволат проширување на своите капацитети и да ангажираат нови вработени. Општинските згради ќе бидат греени за помалку пари, па ќе вложуваме во нивно реновирање и подобрување на нашите услуги, подобро образование, здравство, рече Филипова.