Филипче: Во изолација е возачот на комбето со кој се возела заразената од коронавирус

Од:

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека возачот на комбето со кој се возела пациентката заразена од коронавирус пријавил дека има одредени симптоми, кашлица и болка во градите и е изолиран во струмичката болница за дополнителни испитувања.

„Земени се примероци за анализа и зависно од резултатите ќе се одлучи дали неговото лекување ќе продолжи во Скопје или во Струмица. Тој немал контакти со други луѓе откако е пристигнат во земјава“, рече Филипче.

За последниот сомнителен случај, повратник од Италија кој се пожалил дека има покачена температура, резултатите за коронавирус се негативни, а единствената пациентка кај која беше детектиран вирусот е во добра и стабилна состојба, информираше министерот.

Тој нагласи дека се откажуваат два карневали – струмичкиот и карневалот „Прочка“ во Прилеп и се препорачува на организаторите на спортски настани, истите да се одржуваат без публика.

„Ова го кажуваме специфично за овие два карневали и спортските настани, затоа што очекуваме на тие настани да има дојдено многу луѓе од регионот на Северна Италија кои таму работат, а сега се враќаат и ќе присуствуваат на двата настани. Во овој момент нема ниту една епидемиолошка причина да се воведе строга забрана за било каков јавен настан на било кое место“, изјави Филипче.

Воедно, Владата заклучила дека треба да се провери цената на сите заштитни материјали односно маски и ракавици, по објавените информации дека некои цени се драстично зголемени.