Еврокомесарот за проширување Штефан Филе, известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит и поранешниот претседател на ЕП Јиржи Бузек, по средбите во Владата со премирот Никола Груевски, и во ЕУ Инфо центарот со лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДУИ Али Ахмети, попладнево се на разговори кај претседателот Ѓорге Иванов.
Во вилата „Водно“, кај шефот на државата, покрај европската тројка, пристигнаа и премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите за внатрешни и за надворешни работи, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, како и шефот на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер.
Таму е и делагација на СДСМ предводена од Црвенковски, во која се и Андреј Петров, Јани Макрадули и Наташа Савова.
Закажаната прес-конференциоја на Филе во 13:30 часот е одложена за подоцна во текот на денов.
Филе, Ховит и Бузек повторно дојдоа во Македонија во обид да се стави крај на политичките несогласувања.
– Комесарот Филе оди ПЈР Македонија во заедничка мисија со членовите на Европскиот парламент Ховит и Бузек, со цел да се сретне со засегнатите страни и да придонесе да се најде начин како да се надмине сегашната политичка криза. Солуција на кризата ќе помогне да се создадат услови за извештајот кој ЕК го подготвува врз база на одлуката на земјите-членки за оваа пролет. Таа ќе креира услови овој извештај да биде позитивен, истакна портпаролот на Филе, Петер Стано, вчера на официјалнито прес-брифинг во зградата на Европската комисија.