Десеттина луѓе вечерва се евакуирани од селото Слатински Чифлик поради сериозно напукнување на дел од браната на Слатинска акумулација кое се случило вечерва околу 19 часот дознава А1.
Оваа информација ја потврди за А1 и Митко Темелковски од Центарот за управување со кризи од Охрид. Низ нејзнито тело продирало поголемо количество вода, поради што луѓето кои се на терен не ја исклучуваат можноста да дојде до целосно рушење на браната.
„Колкаво количество на вода продира за сега не може да се утврди бидејки временските прилики не го дозволуваат тоа, надвор е темница. Веќе дојде до поплавување на дел од Слатинско поле, луѓето од селото Слатински чифлик се известени, а десеттина луѓе веќе се и евакуирани.Поради тоа што оштетувањето е сериозно може да дојде до нејзино целосно уривање, но посериозни последици по населението нема да има. Ние сме на терен ја пратиме ситуацијата за да видиме како понатаму ќе се одвива состојбата“, рече Темелковки.
До оштетување според првичните податоци дошло поради структурата на теренот кој се наоѓал во состав на телото на браната составено пред се од т.н бигорски карпи кои што имале многу шуплини.Браната е изградена во далечната 1963 година и досега претрпе неколку оштетувања но сериозни зафати за нејзина санација до сега не се направени. На терен се и екипи на СВР Охрид и Хидробиолошкиот институт, а ќе се формира и кризен штаб.
Од полицијата рекоа дека сите мерки кои се превземаат се одвиваат под раководство на Центарот за раководење со кризи.