Зачестените меѓуетнички инциденти во Македонија изминатиов период, предизвикаа реакција и од Европската унија. Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, во изјава за дописникот на МИА од Брисел ја пренесе загриженоста на Унијата од влошување на ситуацијата.
– Жално е што се случуваат вакви инциденти. ЕУ очекува лидерите на заедниците и надлежните органи да ги превземат сите неопходни активности за да се избегне влошување на тензиите, изјави Стано за МИА.
Меѓуетничките демонстрации што резултираа со издвоени инциденти изминатава недела во Скопје, започнаа еден ден откако комесарот Филе и европратениците Ричард Ховит и Јержи Бузек издејствуваа крај на политичката криза во Македонија. Откако инцидентите на етничка основа на престанаа деновиве, а се најавува и нови демонстрации во петок, официјален Брисел реагира со цел ситуацијата да не излезе од контрола во Македонија.