Ерцеговиќ: Парите се искористени за проекти на Меѓународниот сојуз, се друго е шпекулација

Од:

Јасна Ерцеговиќ, потпретседател на Меѓународниот сојуз на Боки 13, со соопштение ги нарече шпекулации пишувањата во медиумите дека средствата кои ги прибрале за хумани цели не ги искористиле за наменета.

-Меѓународниот сојуз стапи во соработка и склучени се договори со две реномирани домашни друштва. На тој начин за прв пат во земјава е создадено приватно невладино партнерство. Паричните средства стигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на Меѓународниот сојуз и исполнување на договорите склучени со партнерите, пишува во соопштението на Ерцеговиќ.

Таа тврди дека хонорарот пристигнат на сметката на Лилјана Тодоровска еден од координаторите и идеен творец на проект, веќе била цел на истрага од Финансовата полиција и ОЈО по што се утврдило дека транскацијата е во рамките на позитивните законски прописи и истрагата била сопрена.

Но, Лилјана Тодоровска веќе кажа дека е измамена и ограбена откако на нејзино име во банка легнале 720 илјади евра кои веднаш и ги зеле од Меѓународниот сојуз.

„Планирам да пријавам дека сум ограбена“, ова во краткиот телефонски разговор за Телма го рече скопската пензионерка Лилјана Тодоровска на чија сметка пристигнале 720 илјади евра од ГП Пелистер на Силјан Мицевски, а веднаш по вадењето на пари од банка, кесата со евра и е земена од претставници на Меѓународниот сојуз Скопје на Боки 13.

Временското доцнење според Ерцеговиќ, во остварувањето на целите на МС е исклучиво од објективни причини а никако по вина на кооординаторите

До денеска никој од Меѓународниот сојуз не е повикан од органите на прогонот за никакво незаконско работење, вели таа.

Вчера и струшката фирма „Дрим Билдинг“ најави дека со тужба ќе си ги бара парите назад од Меѓународниот сојуз на Боки 13, објави Канал 5 ТВ.

Сопственикот на фирмата Ардиан Амзоски кажа дека и покрај тоа што очекувале дека преку проектот за старечки домови ќе помогнат во решавање на важни социјални прашања, се изненадил од тоа како завршила целата приказна. Договор со Меѓународниот сојуз склучиле пред една година на чија што потпретседателка Јасна Ерцеговиќ Мандиќ и исплатиле 233 илјади евра, но откако и по рокот од 6 месеци не им биле вратени парите се одлучиле за тужба.