По барање на неколку општини за ангажирање дополнителна механизација за справување со обилните снежни врнежи Дирекцијата за заштита и спасување упатила градежна механизација која треба да им помогне во расчистивање на патиштата.
Како што соопшти Дирекцијата, упатена е градежна механизација за расчистување на патните правци кон населените места: Страхојадица, Смесница, Гумалево, Добрино, Дејковец, Тисовци, Вражале од општина Зелениково, патните правци кон Долно и Горно Колиќани, Црвена Вода, Китка, викенд населба Мала Река, Маркова Сушица, Цветово, Осинчани, Бела Црква, Елово и Црн Врв во општина Студеничани.
Кон општина Дебар е упатена механизација за расчистување на патните правци кон Горно Косоврасти, Гари, Осој и Татар Елевци.
На местата каде е упатена механизација ангажирана од страна на Дирекцијата за заштита и спасување забележани се наноси од снег и преку еден метар.
– На поголемиот дел од територијата на Република Македонија запрени се врнежите од снег, но состојбата и понатаму внимателно се следи од страна на Дирекцијата за заштита и спасување и доколку се јави потреба веднаш сме подготвени да упатиме дополнителна механизација, а ако е неопходно ќе бидат упатени и тимови за брз одговор, стои во соопштението од Дирекција за заштита и спасување.