„Денеска, тука сме собрани по еден повод што нè растажи сите нас што сме имале среќа да живееме во исто време кога живеел и националниот херој, симболот на националниот отпор, патоказот и гласот на националната совест, заштитникот на правата и слободите на неалбанските малцинства, слободољубецот и родољубот, визионерот и истакнатиот писател, Адем Демачи“-истакна на Комеморативна седница по повод смртта на Адем Демачи, претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој во своето обраќање истакна дека делото на Демачи, освен од домашните институции, каде што беше прогласен за „национален херој“, високо се цени и од светските институции. Европскиот парламент му додели награда „Сахаров“ за слобода на говор, со која се оддава чест на поединци и група луѓе кои го посветиле животот на заштитата на правата на човекот и слободата на медиумите.
-Не е лесно во малку зборови да се опише величественото дело, несебичната пожртвуваност и неуморната работа на почитуваниот Адем Демачи, којшто не потклекна, не се прекрши и не се предаде пред ниту еден предизвик, пред ниту една тешкотија и болка, иако во неговото животно патешествие се евидентираат полни 28 години поминати по затвори и под политички притисок. Меѓутоа, неговиот поглед беше секогаш далеку, секогаш кон посветлата иднина, за нацијата, за државата и за идните генерации. Никогаш не престана да размислува за тоа како да се изгради независна држава, демократска, рамноправна со околните држави и пошироко, правна држава во која ќе владее правото за сите подеднакво, без разлика на етничката, верската, јазичната, полната или класната припадност. Држава во која нема да постои крвното осветување, братоубиството и омразата кон различниот. Заминувањето на Демачи од овој свет е голема загуба за сите Албанци, за сите слободољупци и родољуби, меѓутоа и за целото човештво кое високо ја цени слободата и рамноправноста меѓу луѓето насекаде низ светот-истакна Џафери.
