Џафери: Составот на Анкетната комисија е партиски, возможни се партиски влијанија

Од:

На самиот почеток од своето функционирање, Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето веќе се соочува со потешкотии. СДСМ ќе инсистира да бидат сослушувани сите актери од објавените разговори, а ВМРО-ДПМНЕ и понатаму одбива Комисијата да расправа за индикациите дека државни функционери извршиле кривични дела. Пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, вели дека се можни партиски влијанија во работата на Комисијата, затоа што, вели, составот е партиски.

-Составот е партиски, партиски влијанија може да има ако членовите се предлози на политичките партии. Тоа е врз база на Деловникот, поинаку не можат да бидат определени членовите на комисија. Хипотетички секогаш може да се случи да има сопки и опструирања, но таков каков што е договорот од Пржино сите сме зеле обврска работата да ја тераме до крај во интерес на граѓаните кои ги претставуваме. Тоа не го правиме во интерес на партиите. Анкетната комисија е надпартиски орган, а членовите треба да се воздигнат над партиските цели и интереси. Впрочем тоа е суштината на договорот од Пржино. Партиите да се издигнат над себе и во интерес на граѓаните да го спроведат договорот – изјави Џафери.

Јас можам да кажам во име на ДУИ, додаде тој, дека сме заинтересирани спогодбите да ги спроведеме до крај и да се реализира она што е слово на договорот од Пржино.

Покрај различните перцепции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за она што ќе биде надлежност, Џафери децидно вели дека Комисијата ќе ја утврдува политичката одговорност за можните кривични дела кои произлегуваат од „бомбите“.

-Според Деловникот, Комисијата нема истражни и судски надлежности. Не може да презема истражни дејства од типот на она што е пракса во судскиот систем. Надлежноста на Комисијата е да утврди можна злоупотреба на јавната функција за потребите на власта или опозицијата. Јавниот интерес е во прашање. Има надлежност да утврди политичка одговорност на носителите на функциите за кои се претпоставува дека се можни извршители на кривични дела. Од аспект на кривична правно гледна точка, пак, тоа е надлежност на специјалниот јавен обвинител – посочи тој.

Маја Васева