Дали во законска процедура се изгласани спорните ДУП-ви во општина Центар? Дали советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Мирослав Шиповиќ избрзаа со гласањето за 10 катница на Водно?
Судејќи според Законот за локална самоуправа, постапката и законите не се испочитувани.
Член 62 став 2 од ЗЛС гласи: „Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.“Прописите (и ДУП-овите се тоа) се гласаат со мнозинство од вкупниот број советници.
Советот на Општина Центар има 23 членови. Според законот, за да се изгласа еден пропис (значи и ДУП-овите), неопходно било позитивно да се изјаснат 12 советници.
Синоќа „за“ гласаа само 11, Мирослав Шиповиќ иако му го обезбеди кворумот на ВМРО-ДПМНЕ, откако членовите од неговата партија излегоа, гласаше против. На потег е и градоначалникот на општина центар Андреј Жерновски.
Законот во член 51 му дава можност, доколку смета дека прописот на Советот не е во согласност со уставот и законите, должен е во рок од 7 дена од денот на доставувањето, со решение да го запре неговото објавување и да ги образложи и причините.
Доколку ова се случи, Советот во рок од 15 дена треба да го разгледа и да одлучи по решението. Ако Советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го потпише, но истовремено да поведе иницијатива пред Уставниот суд. Синоќа за само седум минути, и без опозиција, освен Шиповиќ, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги изгласаа спорните ДУП-ви. Со тоа се отвори можноста за изградба на десеткатница на Водно и уништување на зеленилото.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев на својот Фејсбук профил веднаш реагираше, укажувајќи дека одлуките не се валидни, цитирајќи го член 62 од Законот за локална самоуправа.
„Лето, петок вечер… вообичаен тајминг за валканите бизниси на ДПМНЕ: да гласаат ЗА загадено Скопје, соголено Водно и 630 милиони евра партиски бизнис“, напиша синоќа Радмила Шеќеринска.