ДСЗИ до ВМРО-ДПМНЕ: Без манипулации, извештајот е јасен!

Од:

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат возвратија на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ за состојбата на Клиниката за Гинекологија и на како што се вели во соопштението на партијата “дека реакциите на ВМРО-ДПМНЕ, одржаните редица прес конференции пред самата клиника и привлекувањето на вниманието на јавноста како аларм и притисок на надлежните било корисно да се преземат мерки и отстранат недостатоците.

-Тажен и очаен е обидот на политичката партија предизборно да поентира без аргументи и да се сведува на малограѓански дискусии за фризури со цел да ја дефокусира јавноста од вистината. Од тие што имаат најголема одговорност за ваквата состојба на ГАК не очекувавме да си го дозволат луксузот да напаѓаат таму каде што нема да можат да се одбранат.

Наодот до кој дојде Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврди дека ГАК сите изминати десетина години работела во несоодветни услови, а јавноста била манипулирана со некакво си прво место во светот по здравствени услуги. Доколку функционираа институциите во изминатите десет години, тогаш и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и други институции ќе укажеле на луксузот за кој биле трошени десетици илјади евра во ГАК во нивно време, а истовремено пациентите пропаѓале во дупки по ходниците и имало огромен број умрени новороденчиња.

Оваа тема е премногу сериозна за било која политичка партија да си дозволи да поентира, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема да премолчи ниту една критика или реакација од било која партија, ниту пак ќе дозволи да биде жртва на политичката борба.

Ги повикуваме сите да приложат аргументи кога и како е вршен надзор во ГАК во изминативе десет години? Дали некоја инспекција влегла и смеела да соопшти нешто? Што направиле за состојбата која не е од сега, туку е наследена? Какви мерки презеле и со што освен со луксузниот намештај во директорската канцеларија придонеле за подобрување на состојбата на клиниката, велат од ДСЗИ.

Од таму посочуваат дека инспекцискиот наод е на нивна иницијатива, а потоа и по барање на директорката на ГАК. Укажуваат дека за сите нејаснотии, доколку ги има некој, ќе излезат на прес конференција со аргументи и документи за да им стане појасно дека со некои работи не може да се манипулира.