Стотици илјади евра од државниот фонд за иновации завршија кај партиски функционери на власта, а за дел има обвинувања дека се блиски луѓе на градоначалници и министри на СДСМ. Последниве денови како се појавуваат имињата така се надоврзуваат скандалите, но и се наметнува прашањето -дали доколку се законски ваквите грантови за фирмите на функционерите како што се правдаат, тие истовремено се и етички? Дали има потреба од менување на законот и забрана за сите функционери и нивни семејства да конкурираат за државни пари не само како управители туку и како сопственици на фирми?
Дополнително, од толку многу пари за иновации, по се изгледа само иновациите ги нема, а повеќе се користи терминот „технолошки развој“ за полесна и произволна распределба на овие средства. Ако се погледне листата, и ретко може нешто да се нарече иновација.
На листата се решенија кои добиле пари за иновации кои се наведени како „Воведување на нови вкусови“, потоа за иновација „Путер од органски лешник“, или „Нова ера во фротир индустријата“.
Како споредба, листа на проекти кои добиле пари од државата е поинаква во Србија и се работи за вистински иновации. Од објавените листи на иновативни проекти финасирани од државата се: „Мобилна апликација за дизајн на ентериерот базирана на концепт на проширена реалност“, „Решение за спречување на кражби во транспортната индустрија“, „уред за опоравување на мускулните функции кај пациентите во процес на рехабилитација“, „уред за автоматизирана анализа на протеините“, „антимикробска амбалажа во прехранбената индустрија“, „онлајн услуга за управување со грижата за дете на разделени родители“.
По објавувањето дека 160.000 евра од Фондот за иновации легнале на сметката на „Каст инвест“, компанија во која вицепремиерот Кочо Анѓушев е косопственик, се уште нема најави како ќе се заврши оваа приказна, а јавноста бара раскинување на сите договори на партиските функционери.
Меѓу грантовите што Фондот ги додели минатата недела се и оние на пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец кој е косопственик на печатницата „Гинис“ од Прилеп која доби 162 илјади евра како и и 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“ каде директор на производство е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ Кавадарци.
На првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст грантови добија 80 компании или една третина од пријавените. Тие добија вкупна сума од 10 и пол милиони евра.