Дообразувањето на лицата со попреченост е неопходно за нивно успешно вклучување на пазарот на труд. Проект финансиран од Европската унија овозможи повеќе од 100 лица со попреченост да добијат обуки кои ќе ги направи поконкурентни во барањето работа.
Ова денеска на настан што го организираше Здружението „Отворете ги прозорците“ насловен „Вработување на лица со попреченост – одржлив модел“ во рамки на проектот, го истакна Марија Велиновска Велковска, раководител на проектот.
Преку пилотирањето модел за одржливо вработување, посочи таа, лицата со попреченост добија можност да ги искористат своите способности, а компаниите добија шанса да се промовираат како чинители кои поттикнуваат разноличност во своите средини,
– Долго време владее мислењето дека лицата со попреченост треба се вработуваат исклучиво во заштитни друштва или дека тие се пасивни приматели на помош. Целта на проектот беше да го покаже спротивното и да поттикне нивно активно вклучување на отворениот пазар на трудот, да се промовираат позитивни примери меѓу лицата со попреченост кои ги надминале бариерите во образованието и вработувањето и постигнале да се вработат на продуктивни работни места, рече Велиновска Велковска.
На настанот беа презентирани реализираните активности во рамки на проектот, вклучувајчи обуки, работилници за бизнис заедницата, изработка на практичен водич за компании. Исто така, беше презентиран сервисот за поддршка, кој нуди можности за подобрување на бизнис околината за вработувње на лица со попреченост и постигнување статус на работодавач без бариери.
