Општина Демир Хисар доби донација од турската општина Балчова во вредност од над седум илјади евра.
Донацијата се состои од 100 комплети јавни корпи за отпадоци со пластичен механизам и околу 1.000 пластични вреќи.
– Во периодот што следува очекувам проширување и продлабочување на соработката што треба да даде резултати на општо задоволство на граѓаните од двете општини. Покажавме и потврдивме дека соработката нема да биде сведена и да заврши само на протоколарни посети, туку дека во иднина ќе резултира и со реализација на многу поголеми и посериозни заеднички проекти, истакна денеска градоначалникот на Демир Хисар, Љупчо Блажевски.
Тој додаде дека донацијата е обезбедена од градоначалникот на оваа турска општина Мехмед Али Чалкаја.
Дел од корпите веќе се поставени на улицата „Битолска“, како и на металните канделабри на улиците „1.Мај“ и „Македонија“, а дел ќе бидат поставен и во дворовите на неколку локални јавни институции во општината.
