Во Скопје денеска по осми пат ќе биде доделена Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија за 2014 година во организација на националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија.
На церемонијата ќе се обратат министерот за економија Беким Незири, претставници од Делегацијата на ЕУ, претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков и претседателот на националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата Александар Николов.
Целта е да се промовираат позитивни практики на општествено одговорно делување и да даде инспирација за воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија.
Конкурсот за доделување на наградата беше отворен од 28 мај до 30 јуни, а се однесува за најдобри општествено одговорни практики на македонските компании реализирани во текот на 2014 година.
Годинава, за наградата конкурираа 34 претпријатија (24 големи и 10 мали/средни) со 50 проекти, а апликациите ги евалуираа жири комисии составени од претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.
Организирањето на Националната награда е финансиски поддржано од Министерството за економија и, втора година по ред, од проектот „Општествена одговорност за сите“ („CSR forAll”). Проектот има цел да ги развие капацитетите на организациите на работодавачи во врска со концептот на општествената одговорност во регионот на Југоисточна Европа. Проектен партнер од Македонија на овој проект, ко-финансиран од Европската унија, е Бизнис конфедерација на Македонија.
– Најдобрите практики на македонските претпријатија во областа на општествената одговорност, кои аплицирале за наградата, ќе бидат претставени пред домашната јавност и во Југоисточна Европа, како и на веб страницата на проектот (www.csrforall.eu).