Македонија и Србија треба заеднички да го пласираат медот на европските пазари. Имаат голем потенцијал и можност да бидат конкурентни особено сега, зошто во Западна Европа е се помала застапеноста на овој производ, порача српската амбасадорка во земјава Душанка Дивјак Томиќ по денешната работна посета на Штип.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со спорот меѓу МПЦ и СПЦ, Дивјак Томиќ изрази оптимизам дека наскоро, како што рече, ќе почнат преговорите и ќе се реши проблемот меѓу двете цркви.
– Србија и Македонија како секуларни држави немаат увид во односите меѓу двете цркви, но државните раководства на двете земји се заинтересирани поскоро да почне дијалогот меѓу двете цркви, истакна амбасадорката.
Во рамки на посетата чија цел беше, пред се, во насока на продлабочување на економската соработка особено во производството на мед, Дивјак Томиќ се сретна со градоначалникот Илчо Захариев и присуствуваше на симпозиум за медот што го организира Конзорциумот Иноватор.
Амбасадорката изрази благодарност за помошта и хуманоста на штипјани кои активно се вклучија во подршката на жителите од поплавените подрачја во Србија.